Санација на бедемот на летната сцена Долни сарај во Охрид

Со средства од Министерството за култура, во Охрид е во тек завршната, втора фаза од реализацијата на проектот за конзервација и санација на оштетениот јужен бедем на летната сцена Долни сарај. Поради староста на малтерот на ѕидовите кои се надвиснати над Охридското Езеро, во изминатиот период честопати доаѓаше до одрони, што претставуваше голема опасност за минувачите што се движат по фреквентната патека која го спојува градот со населбата Канео.

Заради заштита на овој простор од натамошно пропаѓање, стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид во изминатиот период интензивно работеа на реализацијата на проектот за конзервација и санација, кој се одвива во две фази. Во рамките на втората фаза се работи на целосна санација на скалите и фугирање на внатрешниот скалиштен простор кој ја поврзува сцената Долни сарај со езерскиот брег, а ќе се изврши и комплетна илуминација на скалите.

Претходно, во текот на првата фаза, извршена е реконструкција на оштетените делови од јужниот бедем, обновени се дотраените дрвени појаси, а е направен и мост кој го поврзува брегот со привремената пешачка патека кон населбата Канео.

Инаку, овој историски локалитет за време на Отоманската империја претставувал летен сарај на султанот, а бедемите околу него датираат од постар период. Денес тој е летна сцена на која се одржуваат фестивали, концерти и други културни настани.