„Гола месечина“ од 20 до 30 јуни во општина Аеродром

На денешната прес-конференција се обратија министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, градоначалникот Ивица Коневски и директорката на Театар Комедија Јелена Жугиќ.

Министерката Канческа-Милевска информира дека на оваа манифестација љубителите на комедијата и на театарската уметност ќе имаат можност да проследат многу интересни претстави кои се реализираа годинава, а да погледнат и неколку од странство.

„Ние ќе продолжиме со овој локален културен развој бидејќи уставно загарантирано право е културата да биде достапна до секого“, рече Канческа-Милевска. Потсети дека низ Македонија има голем број културни манифестации, поддржани од Владата и Министерството за култура. Најави дека наскоро ќе почне проектот „Топол културен бран“.

Коневски изрази надеж дека фестивалот ќе стане традиционален и ги повика жителите на Аеродром и сите заинтересирани да ги погледнат претставите и да уживаат. Покрај средствата што ги издвои општина Аеродром од својот буџет, во реализацијата на овој проект се вклучени Министерството за култура и организаторот Театар Комедија.

Директорката Жугиќ потсети дека фестивалот е од натпреварувачки карактер. Ќе се доделат четири награди, најдобра женска, најдобра машка улога, најдобра режија и Гранпри. Сите ќе добијат по 500 евра.

Жирито кое ќе ги вреднува претставите е составено од професорот и писател Венко Андоновски, актерката Катерина Коцевска и режисерот Бојан Трифуновски.

„Годинашнава програма има претстави од Македонија, гости од Струмичкиот, Велешкиот и одПрилепскиот театар. Ќе има две претстави од Драмскиот театар од Скопје и две претстави од Босна и Херцеговина, едната независна продукција од Сараево, а втората е театарот од Тузла“, рече Жугиќ. Минатата година фестивалот го посетиле околу 15 илјади граѓани.

bilbord_1