Во Брисел не прифативме техничка влада, ниту преодна влада, ниту нешто слично, а тоа што се случуваше беа различни идеи на луѓето кои се обидуваа да ни помогнат, а кои господинот Заев ги одби од прва до последна. Јас тоа не го доживувам како успех.
Ова го изјави премиерот Никола Груевски прашан за коментар на изјавата на лидерот на СДСМ Зоран Заев дека по Брисел работите се движеле во позитивен правец.
„Ако за него позитивен правец е да се кочат преговорите, да завршуваат со неуспех и со тоа да се прави штета на Македонија, пред се на македонската економија, на отворањето на нови работни места, на привлекување инвеститори, штета на имиџот на државата, тогаш тоа е своевиден успех што тој го доживува како успех. Јас не го доживувам како успех“, рече Груевски.
Јас, додаде Груевски, и не дадов коментар за повеќе од нив бидејќи тој ги одби и јас не може да одбивам или прифаќам нешто што веќе е одбиено.
„На крајот се се сведе на еден негов предлог кој јас го одбив. Разговорите се надевам, дека ќе продолжат на еден или друг начин“, рече Груевски.
Во врска со евентуалните избори, вели дека ВМРО-ДПМНЕ во секој момент е подготвена за изборно соочување.
„Дали СДСМ би сакал да бидат сега, веднаш т.е. кон крајот на јули, бидејќи законски е да се имаат минимум 45 денови за организирање избори, или ако сакаат во август, септември, ноември или во април следната година. Ние веруваме во она што го работиме и веруваме дека граѓаните тоа го почитуваат, го ценат, следат и дека повторно ќе добиеме убедливо мнозинство и поддршка од граѓаните на Република Македонија“, истакна Груевски.