Министерот Алаѓозовски на Саемот на книгата во Франкфурт

Делегација од Министерството за култура на Република Македонија предводена од министерот за култура, Роберт Алаѓозовски од денеска е на работна посета на Саемот на книгата во Франкфурт, најзначаен меѓународен книжевен настан што на едно место ги обединува светските авторитети во издавачката дејност.

Во богатата агенда за време на престојот во Франкфурт, Алаѓозовски ќе се сретне со директорот на оваа престижна манифестација, Јурген Бос, а ќе има средба и со директорот на Саемот на книгата од Лајпциг, Оливиер Зиле. Во агендата на министерот Алаѓозовски се и средби со меѓународни издавачи, како и учество на трибината „Проблемите и предизвиците на малите култури во меѓународната афирмација на својата книжевност“. Во рамките на трибината ќе биде претставен Конкурсот за странски издавачи на Министерството за култура, во чии рамки досега е поддржан превод на 114 дела на 60 автори од Македонија на 21 странски јазик.

Министерот Алаѓозовски ќе го поддржи претставувањето на домашната книжевност и издавачката продукција на националниот штанд. Претставувањето на Македонија на Саемот во Франкфурт е поддржано од Министерството, а годинава организатор е Македонската асоцијација на издавачи во Република Македонија. Ќе се презентираат изданија на голем дел од издавачите од земјава, монографски изданија за Македонија, за културното наследство што го поседуваме како и преводи на странски јазици.

Саемот на книгата во Франкфурт го отворија во средата германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Макрон, а се затвора на 15 октомври. На саемот годинава ќе се претстават околу 7.300 изложувачи од повеќе од 100 држави. Предвидени се околу 4 илјади настани. Најавено е присуство на околу 10 илјади акредитирани новинари, а се очекува Саемот да го посетат околу 300 илјади гости.