Целосно реконструирана салата во Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп

Со поддршка на Министерството за култура, целосно е реконструирана големата сала во објектот кој го користи Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Станува збор за прво сеопфатно обновување на големата сала по 35 години од изградбата на објектот.

Во рамките на реконструкцијата со која беа опфатени околу 1000 метри квадратни, се изврши претапацирање на 600 седишта, промена на подот, бојадисување на ѕидовите, комплетно уредување на сцената, поставување нова завеса, како и реконструкција на гримиорните, а се постави и нов систем за затоплување.

Со извршената реконструкција на големата сала како и со отворањето на новото дигитално кино – „Мис Стоун“ кое е исто така во рамките на Центарот за култура, граѓаните на општина Прилеп добија современ простор за реализација на културните настани што се случуваат во текот на целата година во Прилеп. Промоцијата на новата сала се реализираше во рамките на 50 годишниот јубилеј на реномираниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој се одржува од 12 до 19 јуни.