Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денес на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на државите членки на Централната европска иницијатива (ЦЕИ), кој се одржува во Охрид, оствари поединечни билатерални средби со министрите за надворешни работи на Република Италија, Паоло Џентилони, на Република Бугарија, г-дин Даниел Митов и на Република Унгарија, Петер Сијарто.
Премиерот Груевски со соговорниците разговараше за работата на Централно европската иницијатива со која моментално претседава Република Македонија. Тој ги реафирмираше приоритетите на македонското претседавање, како што се напредокот и интеграцијата на земјите од Западниот Балкан во Европската Унија, како и економските приоритети поврзани со градбата на инфраструктурни проекти, развојот на туризмот, земјоделието и културата. На средбите се разговараше и за стратешките цели на Република Македонија, предизвиците со кои се соочува државата во поглед на политичката состојба и подготвеноста и отвореноста тие предизвици да се надминат, како и за можностите за продлабочување на билатералната соработка помеѓу државите.
Премиерот Груевски на средбата со министерот за надворешни работи на Република Италија, Паоло Џентилони, ја истакна значајноста на поддршката на Република Италија која ја добива нашата земја на патот на евроатланските интеграции што е една од целите на Република Македонија кон која активно се работи. Премиерот Груевски истакна дека земјата е посветена на реализација на реформите чија цел е унапредување на стандардите во повеќе сфери и напредок во интеграциите, за што говорат и шесте последователни позитивни извештаи на Европската Комисија и нејзините препораки за почеток на разговорите за полноправно членство на нашата земја во Европската Унија. Тој посочи дека и покрај билатералниот спор со јужниот сосед кој е и пречка за напредок во интеграциите, државата продолжува со реформите и стремежот за полноправно членство во ЕУ и НАТО. Соговорниците ги потенцираа добрите билатерални политички односи меѓу двете држави кои се проследени со нагорен тренд на економска соработка, при што премиерот Груевски истакна дека Италија е еден од најважните трговски партнери на Македонија и изрази посветеност за понатамошно интензивирање на економската соработка.
Премиерот Груевски на средбата со министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Даниел Митов ја изрази определбата на Република Македонија за континуирано унапредување на добрососедските односи што придонесува за поинтензивна политичка и економска соработка во регионот. Соговорниците разговараа и за работата на работните групи на министерствата за надворешни работи во врска со договорот за добрососедство помеѓу двете земји и ја истакнаа важноста од неговото донесување што би довело до нов позитивен момент во односите меѓу двете страни. Премиерот Груевски ја истакна отвореноста на државата за соработка за проекти од интерес на граѓаните на двете држави, во областа на патната и железничката инфраструктура, како и интересот за зголемена економска соработка.
Премиерот Груевски и министерот за надворешни работи на Република Унгарија, Петер Сијарто, ги потврдија одличните односи меѓу двете држави, како и целосната поддршка која Република Унгарија ја дава за евроатланските интеграции на Република Македонија. Соговорниците истакнаа посветеност за понатамошно унапредување и продлабочување на односите на секое поле од заеднички интерес, потенцирајќи дека Централно европската иницијатива е добра можност и механизам за зголемување на севкупната билатерална и мултилатерална соработка.