Жителите на Велмеј и Лешани се изјаснија за неопходна изградба на канализациона мрежа

Викнедов во населените места Велмеј и Лешани, градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски со стручно лице од општинската администрација одржа средба со месното население, каде што беа презентирани проектите за изградба на фекална канализација во с.Велмеј и с.Лешани со заедничка прочистителна станица во с.Грко Поле. Проектите претходно беа аплицирани во Светска Банка, од чија страна се прифатени и се во крајна фаза на одобрување. Присутните на одржаните состаноци, градоначалникот Трајкоски ги запозна со позитивните аспекти кои ќе произлезат и неопходноста за изградбата на оваа канализациона мрежа. Жителите со особен интерес го проследија презентацијата на проектите и недвосмилено ја поддржаа иницијативата за изградба на фекалната канализациона мрежа.

Фекалната канализациона мрежа во с.Велмеј ќе биде со должина од 9 354 метри изработена од полиетелиенски цевки со дијаметар на главниот колекторски крак од 280 мм, а останатите краци од цевки со дијаметар 225мм, поставени на длабочина од 1.2 метри до 5.0 метри. По должината на трасата предвидени се вкупно 237 ревизони и каскадни шахти поставени на растојание од 50 метри.

Фекалната канализациона мрежа во с.Лешани ќе биде со должина од 5 343 метри изработена од полиетелиенски цевки со дијаметар на главниот колекторски крак од 250 мм, а останатите краци од цевки со дијаметар 225мм, поставени на длабочина од 1.0 метар до 3.0 метри. По должината на трасата предвидени се вкупно 138 ревизони и каскадни шахти поставени на растојание од 50 метри.

За двете канализациони мрежи предвидена е заедничка прочистителна станица во с.Грко Поле, проектирана така да ги задоволува потребите на двете мрежи.

Вкупната инвестициона вредност на проектите изнесува 35.000.000,00 денари, или пооделно инвестиционата вредност за канализациона мрежа во с.Велмеј изнесува 19.000.000.00 денари, инвестиционата вредност за канализациона мрежа во с.Лешани изнесува 12.000.000.00 денари и пречистителната станица во с.Грко Поле е со инвестициона вредност од 3.000.000,00 денари.