Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски по повод рамазанските пости упати честитика до претседателот на Исламската заедница во Република Македонија Реис Ул Улема Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи.
„Почитуван Поглавар на Исламската заедница во Република Македонија
Господин Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи,
Дозволете ми Вам лично, на членовите на Ријасетот и на сите верници од исламската вероисповед во Република Македонија, од моето лично име и од името на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам започнувањето на Рамазанските пости.
Светиот месец Рамазан и почетокот на рамазанските пости, и вашата посветеност кон празнувањето, нека ви донесат мир во душата, разбирање, толеранција, проштевање и хармонија. Доаѓањето на големите верски празници од секогаш носеле спокој и насочување кон вредностите. Молитвата, добрата мисла и добрите дела нека бидат водилка кон многу радост и среќа во семејствата на верниците и севкупно во Република Македонија, и нека ја шират соработката и почитта кон Вашите блиски, соседите, пријателите и сограѓаните.
Соживотот на разните религии и нации кои живеат во нашата земја, да придонесат и понатаму со заеднички сили да работиме за економски развој на земјата и подобар стандард на граѓаните, за повеќе можностите за културен, образовен и сеопшт напредок, и за достигнување на европските и евроатлантски стандарди, со цел понатамошна изградба на силна и напредна Република Македонија.
Испраќајќи Ви најискрени честитки, Ви пожелувам радосни празнични денови.“– се вели во честитката.