СДСМ: Советничкото мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш на дело ги покажа недоследноста, сервилноста и неискреноста

ОО на СДСМ Охрид, денес испрати соопштение до медиумите, во кое стои:

„Советничкото мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Охрид уште еднаш на дело ги покажа недоследноста, сервилноста и неискреноста. Најголемиот дел од советниците од позицијата, при донесувањето на Деловникот за работа на Советот на завчерашната седница, без срам отстапија од договореното и еднострано го прекршија тоа што го ветија.

Најважниот документ за работа на советниците – Деловникот за работа на Советот – наместо да биде донесен со консензус, како што претходно беше договорено и усогласено помеѓу сите советнички групи, беше усвоен со 12 гласа. Значи, од вкупно 23 советници, само 12 од позицијата гласаа за новиот Деловник. А токму Претседателката на Советот од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Коњановска, во текот на сите изминати месеци инсистираше овој документ да биде донесен едногласно и да биде поддржан од страна на сите советници.

Околу нацрт Деловникот советниците разговараа, дебатираа и се усогласуваа повеќе од една година. Конечно, преку работата на Статутарно-правната комисија пред неколку седмици се утврди и финалната верзија на Деловникот, која беше усогласена со сите советнички групи. Новиот Деловник требаше да биде прифатен едногласно – и од власта, и од опозицијата. Но, на самата седница, спротивно од тоа што веќе претходно беше договорено и усогласено, советничкото мнозинство предложи измена на Деловникот – да не се ограничува времетраењето на дискусиите на градоначалникот и на директорите на јавните претпријатија, а на советниците времето за дискусија да им биде ограничено.

Значи, самите советници од власта предложија решение кое е спротивно на интересите на советниците. Тоа јасно зборува за непостоење на демократски капацитет кај советничкото мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ, за слепа и некритичка послушност кон нивните партиски функционери.

На тој начин, тие дефинитивно го урнаа достоинството и авторитетот на институцијата советник и уште еднаш им дозволија на луѓето од извршната власт во Општина Охрид да се наметнат над Советот и да ги узурпираат законските и статутарните права на советниците.“– се вели во соопштението.