Јавен повик за доставување на ЕОРИ број

Царинската управа на Република Македонија ги информира сите економски оператори инволвирани во транзитна царинска постапка дека на 1 јули 2015 година, Република Македонија пристапува кон Конвенцијата за заедничка транзитна постапка, со што ќе почне да се применува заедничка транзитна постапка со земјите членки на Европската Унија, ЕФТА и Турција.

Конвенцијата овозможува пратката за која е започната транзитна постапка во некоја од овие 33 земји да пристигне во било која царинска испостава во Македонија само со еден единствен транзитен документ и обратно, со што во голема мера ќе се забрза транспортот и ќе се намали времето на чекање на граничните премини.

За да се оствари и дополнителната можност за неподнесување на т.н. Влезна збирна царинска декларација при влез во земја членка на ЕУ што ќе значи уште побрзо спроведување на постапката, Царинската управа во транзитните електронски декларации до земјите членки на ЕУ мора да го испрати т.н. ЕОРИ број кој економските оператори го добиваат од земјите членки на ЕУ.

Заради тоа, ги повикуваме сите економски оператори кои поседуваат ЕОРИ број да го пополнат образецот објавен на интернет страната на Царинската управа на Република Македонија www.carina.mk во делот – Нов компјутеризиран транзитен систем и да го достават до Царинската управа на Република Македонија на ул.„ Лазар Личеноски“ 13, 1000 Скопје.