Вицепемиерот за европски интеграции Фатмир Бесими на средбата со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас искажал очекување дека Грција отворено ќе ја поддржи интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ, што ќе придонесе кон значително зајакнување на стабилноста и економскиот просперитет на целиот регион.
Бесими истакна, како што се наведува во соопштението од СЕП, дека нам особено ни е битно и работиме во насока на натамошно зајакнување и развој на добрососедските односи и регионалната соработка. Во таа насока го поздрави носењето на мерки за градење доверба изработени од страна на тимови од двете држави.
„Потполно сме свесни за предизвиците кои стојат пред нас на национално ниво и нашата одговорност како политичари и функционери за нивно надминување, очекуваме политичкиот дијалог да продолжи во насока на надминување на политичките препреки и веруваме дека истиот ќе допринесе кон надминување на политичката криза и продолжување на европскиот пат преку имплементација на новите приоритетни реформи“, истакна Бесими.
Владата на Република Македонија активно работи на изработка и усвојување на акциски план за идните реформски активности, врз основа на приоритетите испорачани од страна на ЕК, експертскиот извештај и заклучоците од Советот на ЕУ и на подготовка за Советот за стабилизација и асоцијација, во соработка со Министерството за надворешни работи, посочил Бесими. Врз основа на овие документи реформскиот фокус во наредниот период ќе биде ставен врз владеењето на правото и основните права, деполитизација на јавната администрација, слободата на изразување и изборните реформи, како и спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и унапредувањето на добрососедските односи.
Од страна на соговорниците била потенцирана и добрата економска соработка и позитивниот развоен тренд, каде беше напомнато дека Грција е традиционален стратешки трговски партнер на Република Македонија и еден од најголемите странски инвеститори во државата.
Меѓу другото, беше дискутирана и позитивната развојна динамика на ИПА програмата за преку-граничната соработка помеѓу Република Македонија и Грција. Во рамките на оваа програма, до сега се потпишани седум финансиски спогодби во висина од 9.93 милиони евра, преку кои се имплементирани или се во фаза на имплементација повеќе од 50 проекти. Двете страни очекуваат позитивен тренд и во наредниот период во развивањето и реализацијата на проекти од взаемен интерес, како дел од ИПА програмата за прекугранична соработка 2014 – 2020, во висина од 45 милиони евра, кои ќе бидат на располагање преку разни проектни повици.
Било разговарано за интензивирање на соработката во повеќе области од делот на усогласувањето на нашето законодавство со законодавството на ЕУ и споделување на искуствата на грчката администрација со нивните хомолози од македонска страна, на билатерална основа, но и преку користење на ЕУ инструментите, како што се Twining, TAIEX и сл.
На крајот соговорниците изразија надеж за натамошно унапредување на билатералната соработка и поддршка и развој на тековните иницијативи.