Груевски: Од 2007 година дуплиран бројот на странски туристи во Македонија

Работите во однос на субвенциите поврзани со привлекување туристи одат добро. Туризмот оди во сериозна нагорна линија. Од 2007 година кога се зафативме со оваа работа па наваму дуплиран е бројот на странски туристи кои ја посетиле земјава, а бројот на домашни гости исто така се зголемува, изјави премиерот Никола Груевски.

„Секоја годна се проширува списокот на држави за коишто Македонија дава субвенции од 65 евра по турист. Има и држави за коишто е помал износот, но расте како на пример за балканските држави Бугарија, Србија, Босна итн. Почна со 15 евра, а сега е веќе 35 евра. Имаме секоја година зголемување на субвенциите што ги даваме по глава  на турист кој престојува најмалку три дена во Македонија. Годинава нови 6 земји  што влегоа со 65 евра субвенција се САД, Германија, Англија, Катар, Казахстан и Азербејџан“, рече Груевски.

На оваа листа, како што посочи, претходно беа Холандија, Белгија, Луксембург и други.

„Политиката на субвенционирање на носење туристи дава сериозни резултати. Тоа се гледа во Дојран и тука расте бројот на туристи“, рече Груевски, додавајќи дека градоначалникот во таа насока имал свои активности како промоции во градот и во некои соседни земји.

Зголемувањето на бројот на туристи во земјава и натаму расте затоа што Македонија, вели премиерот, во континуитет има активности на меѓународен план.

„Редовно одат реклами на странските телевизии Еуроспорт  и Си-Ен-Ен .Агенцијата за туризам редовно ги посетува најзначајните саеми за туризам каде што најмногу се привлекуваат туроператорите и едно од поважните прашања е исто така што обезбедивме многу нови субвенционирани авиолинии на ниско тарифни компании. За 20, 30 евра носат многу голем број туристи, а исто така придонесуваат за зголемување на бројот на Македонците кои што сакаат да одат надвор од државата и да посетат странски дестинации за ниски износи повратна карта од 20 до 30 евра“, посочи Груевски.

Тој најави дека веќе се прават преговори со една од најпознатите компании во светот за нискобуџетни летови за нова тура нови линии коишто би ги поврзале Скопје и Охрид со различни дестинации во Европа и надвор од неа.