Нови десет изданија од проектот антологии на македонската литература на шест јазици

Нови 10 тома од проектот Превод на антологии на македонската книжевност на шест странски јазици, кој го реализираат Владата на РМ и Министерството за култура, беа промовирани денеска. Се работи за сублимиран приказ на репрезентативен избор од најдоброто од македонските литературни дела кои интегрално беа објавени во едицијата „135 тома македонска книжевност“, а потоа во целост преведени и на англиски јазик.

Антологиите на дела од поезија, роман, расказ, драма, есеј, книжевна критика и литература за деца, се објавуваат на француски, германски, шпански, руски, арапски и на кинески јазик. Ова беше втора промоција од овој проект, и се очекува да биде заокружен до крајот на годинава, а веќе наредната, изданијата да бидат распределени во национални библиотеки и образовни институции во земјите на соодветните јазици.

Премиерот Никола Груевски на промоцијата истакна дека покрај капиталните проекти со кои на македонски јазик се приопштуваат најзначајните светски наслови (проектите: Нобеловци, Ѕвезди на светската книжевност, Превод на 1000 учебници и Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа), се реализира и обратен процес – огромното македонско книжевно богатство да се пробие во светот преку преводи на повеќе светски јазици.

„На голем број љубители на книжевноста надвор од Република Македонија им ја доближуваме нашата култура и богатото литературно творештво. Еден цел серијал од жанрови и дела преку овој проект ќе станат достапни за граѓаните од многу држави и од повеќе јазични подрачја, имајќи предвид дека планот е штом се комплетира целиот овој проект, книгите ќе бидат распределени по стотици библиотеки, национални установи од книжевноста во многу држави низ светот, како што тоа го направивме со преводот на овие книги на англиски јазик“, рече Груевски.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека Владата и Министерството за култура и во иднина безрезервно ќе ги поддржуваат иницијативи кои се во насока на промоција на македонската книжевност во меѓународен контекст.

„Наша цел е да бидеме видливи во европскиот и светскиот културен простор и во таа смисла ќе продолжиме со реализацијата на проектите кои ќе овозможат долговечност на нашата богата литература и култура“, рече Канческа-Милевска.

Проектот го реализира НУБ Св. Климент Охридски. Директорот на НУБ Иван Заров истакна дека за успешното приопштување на сите вредности на македонските книжевни дела на овие шест јазици голема заслуга имаат преведувачите и афирматори на македонската литература, како и приредувачите на антологиите (Санде Стојчевски, Раде Силјан, Бранко Цветкоски, Веле Смилевски, Јелена Лужина, Венко Андоновски и Иван Џепароски) кои, како што рече, на минуциозен начин успеале да направат синтеза и да ја претстават раскошната разновидност на литературните жанрови.

Промоторот на антологиите, писателот Ефтим Клетников, меѓу другото, истакна дека бројните литературни проекти на Владата се визионерски и затоа нивните ефекти во појасна светлина, рече тој, ќе се видат по неколку децении.

„Овие проекти нас, како мал народ, не внесуваат во светскиот духовен простор во кој сме незгаслива искра во неговиот креативен план. Културата е нашето од древни времиња најголемо завештание“, рече Клетников.