Издадени 445 потврди на странски државјани во текот на вчерашниот ден

Во текот на вчерашниот ден, Министерството за внатрешни работи врз основа на измените и дополнувањето на Законот за Азил, издаде потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање право на азил во Република Македонија на 445 странски државјани кои илегално влегле на нашата територија.

Во периодот од 19.06.2015 до 09.07.2015 година во 08,00 часот, издадени се потврди на вкупно 9.955 странски државјани, од кои, 7.698 се од машки пол, 1.244 се од женски, 958 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 55 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија – 6.878, потоа Авганистан – 868, Ирак – 538, Пакистан – 434, Сомалија – 303, Палестина – 273, Конго – 241, додека останатите се во помал број.

Од започнувањето на издавањето на потврдите до 09.07.2015 година до Одделението за азил се поднесени 32 барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда , при што 23 барања се од државјани на Сирија за азил од нив шест за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан, по две барања од државјани од Мароко и Алжир и по едно барање од државјани од Египет и Ирак.

Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за 09.07.2015 година се евидентирани вкупно 25 баратели на азил, од кои 22 баратели на азил се мажи, 2 баратели на азил се жени и 1 барател на азил е малолетнo лицe. Од вкупниот број на баратели на азил кои се присутни во ЈУ Прифатниот центар, евидентирани се 2 баратели на азил со повреди на долните екстремитети ( двајца мажи ), 1 малолетнo лицe без придружба на старател, додека пак бремени барателки на азил не се регистрирани.

Екипите на Црвен крст пружија прва помош на 54 лица, на железничката станица во Гевгелија, а извршија транспорт на 6 лица до гевгелсиката болница. Дистрибуирани се 138 шишиња вода, 2 ќебиња, 4 пакувања пелени, 21 кутии двопек.