Три илјади дози вакцини против бактеријата стрептокока набави Министерството за здравство, кое продолжува со унапредување на превентивната здравствена заштита со посебен фокус на заштитата на здравјето на децата. Вакцината е незадолжителна и бесплатна и е наменета за деца на возраст од шест недели до пет години, информираше министерот за здравство Никола Тодоров.
Вакцината е достапна и сите родители кои сакаат да го вакцинираат своето дете потребно е да се обратат до центрите за вакцинација во своето место на живеење и да се пријават, по што во рок од 10 дена ќе бидат повикани за вакцинација. Посочи дека веќе десетина деца се вакцинирани.
„Оваа вакцина штити од заболувања предизвикани од бактеријата стрептокока, како што се: пневмонија (воспаление на белите дробови), отитис (воспаление на увото), бронхитис и потешки форми, како: сепса, менингитис, артритис, и др., посебно кај деца со намален имунитет,“ истакна Тодоров и додаде дека најчесто кај децата на возраст од шест недели до пет години таа бактерија може да предизвика некое од спомнатите заболувања.
Според досегашното искуство, поголем дел од родителите бараат вакцинација, односно заштита на децата од оваа бактерија која релативно често предизвикува заболувања кај децата.
„Во Република Македонија податоците покажуваат дека поголем број деца – околу 2.000 на годишно ниво добиваат бактериска пнеумонија каде причинител во 90 отсто од случаите е стрептококус пнеумоние. Околу 1.000 деца заболуваат од отитис или воспаление на увото каде во 90 отсто причинител е стрептокока“,рече Тодоров.
Во светски рамки на годишно ниво се третираат околу 156 милиони случаи на пневмонија кај децата, од кои поголем дел се причинети од стрептокока. Најризични групи за ова заболување се малите деца, особено оние со намален имунитет и потхранети, децата кои престојуваат во колектив, како и повозрасни лица, лица со хронични заболувања и со ослабен имунолошки систем.
„Според искуствата на педијатрите во нашата држава, третманот на заболувањата причинети од бактеријата стрептокока вклучува долготрајна антибиотска терапија, а често е потребно и болничко лекување. Инфекцијата може да се повторува и доколку не се третира навремено, може да предизвика последици по здравјето на детето.
Од социјален аспект, укажа министерот, болничкото лекување на детето во вакви случаи се одразува негативно на квалитетот на живот на детето од најмала возраст, а тоа наметнува и престој на родителот со детето во болница, отсуство на родителот од работа, итн.
Токму затоа, со вакцината против стрептокока се превенира појавата на евентуални компликации, се превенира потребата од болничко лекување на детето, потребата од боледувања и отсуства од работа на родителите. Во земјите од Западна Европа вакцинацијата против стрептокока е воведена одамна и е препорачана од Светската здравствена организација“, истакна Тодоров.
Се очекува голем интерес за вакцинација против стрептокока по завршување на летните одмори односно пред почетокот на школската година, кога децата одат во градинка и во училиште.
Вакцината е набавена од Пастер од Франција, додаде Тодоров.
Д-р Јованка Костовска, раководител на Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство информираше дека вакцината не може да се прими само со фаза на акутно заболување, ако детето има температура и симптоми.
„Кога нема симптоми вакцината може да се прими затоа што оваа бактерија многу често може да ја има во носот и грлото кај детето, но да не дава симптоми, само да стои како колонизирана, па да биде опасност за другите деца. Токму затоа ќе ги вакцинираме за да не може да заболат“, посочи д-р Костовска.