Швајцарскиот летечки ас, Кристијан „Кригел“ Маурер слета на платформата поставена во заливот на Монако за да ја потврди четвртата победа на најтешката авантуристичка трка во светот позната како Red Bull X-Alps.
Осум дена во низа, уште од полетувањето во Салцбург на 5 јули, тој пешачеше, се искачуваше и леташе над планините во Австрија, Германија, Италија, Швајцарија, Франција, поминувајќи притоа на десет попатни меѓустаници. Со четвртата победа во низа тој уште еднаш се избори за почитта меѓу своите ривали и навивачи, демонстрирајќи виртуозен летечки мајстории и незапирлива тактичка способност.
„Притисокот конечно заврши, тука сум и многу сум среќен. Искусив и видов многу нови и неверојатни нешта, а споделувајќи го тоа со другите, како и со мојот тим за поддршка, се чувствував навистина посебно,“– изјави Маурер по стигнувањето во Монако, на целната линија во Пеј.
Мерењето на времето завршува во Пеј, при што официјалното време на победникот изнесува 8 дена, 4 часа и 37 минути, но по традиција трката не е готова се додека спортистите не се спуштат на платформата во заливот на Монако. Создавачот на ова натпреварување, Австриецот Ханс Арх, кој започна да го организира овој настан во 2003 година, му честиташе на победникот Маурер.
„Прво сакам да му честитам на „Кригел“. Од почетокот се знаеше дека тој ќе оди на победа, но остварувањето на четвртата победа едно по друго е навистина величествено постигнување.“– рече Арх.
Маурер е познат по своите детални подготовки, безгрешни тактики и рутинска ефикасност. Вообичаено во минатото тој ја предводеше трката од стартот до целта, но овој пат беше гонет од соперниците кои му беа зад петици, Паул Гушлбауер од Австрија и Себастијан Хубер од Германија. Секогаш кога личеше дека Маурер направил потег да им избега на следбениците, тие двајца повторно го стигнуваа.
„Беше возбудливо да се види дека Гушлбауер и Хубер ја употребуваа таа тактика“,- додава Арх.
Трката завршува официјално точно во петок на пладне, на 17 Јули. Во битката за местата на пиедесталот. Драмата траеше 24 часа откако Маурер стигна на целта. Гушлбауер го имаше второто место во рацете, но откако водечката група „се чекираше“ на деветтата минувачка станица, тој со својот падобран одбра да лета по најзападната рута низ долината на Рона. Наспроти тоа Маурер речиси праволиниски се упати јужно кон Монако и имаше погодни временски услови за да направи недостижна предност, додека неговиот ривал беше „осуден“ на пешачење. Проблемите на Гушлбауер ги искористи и Хубер, кој успеа да го престигне и покрај задоцнувањето од 30 километри. Стилот на искачување на планини што го демонстрираше Германецот преку полетување и пловење блиску до карпите е ризичен, но му овозможува да наоѓа термални извори кои го подигаат и му овозможуваат да мине подолго време во воздух.
На крајот Гушлбауер со судни маки успеа да го сочува третото место, иако за него водеше жестока битка со тројца ривали: Италијанецот Дурогати и Французите Жерард и Петио. Италијанско-француската алијанса се обидуваше летејќи во група да ги искористи топлите воздушни бранови, па позициите се менуваа речиси во минута, за на крај Австриецот да го избегне поразот за влакно, и тоа во последниот километар кога се одеше пешки по локалните полјани. Тој беше најжестокиот ривал на Мауер за победата, но грешката за последната делница ја плати со 12-часовно искачување на планините во Јужна Франција кое, траеше до доцна во ноќта. Италијанецот Дурогати прв се одвои од групата и стигна во Пеј следејќи го Австриецот во чекор, но иако повремено беше пред него, на крајот не успеа да направи пресврт.
Од 33 пријавени учесници во најтешката авантуристичка трка Red Bull X-Alps, поради повреда не стартуваше само Клемен Латур, додека по десет натпреварувачки денови бројот на откажаните учесници е само осум спортисти. Останатите се уште се во игра за финиш во Монако, со што би ја совладале дистанцата од Салцбург до Монако, која гледано праволиниски изнесува „само“ 1038 километри. Меѓу нив е и Американката Дон Веструм, додека Германката Ивон Дате се откажа.