СДСМ Дебрца: Земјоделците од Дебрца 4 години го чекаат одобреното обештетување од природната непогода во 2010

Општинската организација на СДСМ Дебрца, денес испрати соопштение до медиумите, во кое стои:

„На ден 19.06.2010 година подрачјето на општина Дебрца со населените места: Требеништа, Волино, Мешеишта, Климештани, Ново Село, Белчишта, Д.и Г.Средорече, Злести, Лешани и Грко Поле го зафати силно невреме со обилни врнежи од дожд и град, кои предизвикаа голема материјална штета на земјоделските површини засадени со овошни, градинарски, житни и лозови насади.

Комисијата за проценка на штета на општина Дебрца изврши проценка на причинетата штета и изработи Елаборат за проценка на штета од обилни врнежи од дожд со појава на град во општина Дебрца, кој беше усвоен од советот на општина Дебрца. Вкупната материјална штета е проценета на 29.072.778,00 денари.

Владата на Република Македонија, на триесет и шестата седница, одржана на ден 27.12.2011 година, ја разгледа Информацијата за настанатите штети од природни непогоди во неколку општини, меѓу кои е и општината Дебрца и ја усвои со заклучок со кој се задолжува Министерството за финансии да подготви одлука за одобрување на средства од резервите на Буџетот на Република Македонија за 2011 година и на општината Дебрца, во висина од 15 % од износот на проценетата штета (4.360.916,оо денари), во рок од 8 дена.

Меѓутоа, не во рок од 8 дена, туку и по речиси четири години од страна на Министерството за финансии не е постапено по Заклучокот на Владата на Република Македонија и на општината Дебрца не и се префрлени средства за штетата од природната непогода, од 19.06.2010 година, иако во меѓувреме беше исплатено обештетувањето за непогодите од 2012 и 2013 година.

T-10

Поради тоа, јавно ги повикуваме министерот за финансии во Владата на РМ и градоначалникот на општина Дебрца да одговорат на следните прашања:

Како е можно и зошто Министерството за финансии четири години не го почитува Заклучокот на Владата со кој е задолжено да обезбеди средства од Буџетот на РМ за обештетување на земјоделците за наведената природна непогода? Како можеме да зборуваме за правна сигурност и владеење на правото, кога Министерството за финансии не ги почитува актите на Владата на РМ? Што е преземено од страна на градоначалникот на општина Дебрца за да се почитува заклучокот на Владата на РМ? Дали и кога се планира од Владата на РМ одобреното обештетување да биде исплатено?

Оштетените земјоделци од општина Дебрца со право го бараат одговорот на овие прашања.

Ние од наша страна и во наредниот период континуирано ќе ги потсетуваме надлежните се додека земјоделците не го добијат одобреното обештетување.“– стои во соопштението.