Со стоечки овации и повеќе бисови го награди публиката на „Охридско лето“ извонредниот руски пијанист Николај Лугански кој синоќа одржа концерт во црквата „Света Софија“. Овој пијано-виртуоз со исклучителна префинетост и чувствителност во неговото музицирање го задржа вниманието на бројните посетители повеќе од два часа. Внатрешноста на акустичната црква беше исполнета до последно место, а дел од присутните со задоволство го следеа концертот стоејќи.
-Николај Лугански вечерва не’ остави без здив. Навистина преполната сала во „Света Софија“ беше импресионирана од еден од врвните пијанисти од младата генерација пијанистичка елита во светот. Јас сум многу возбудена. Невројатно благодарна сум што присуствував на ваков настан. Се работи за пијанист кој е исклучително префинет и чувствителен. Вечерва присуствувавме на неверојатно емотивен набој. Сето тоа со брилјантност и неверојатна виртуозност. Можам да кажам дека и програмата што ја избра за публиката вечерва беше фасцинантна. Му благодарам на Лугански, но и на организарторите, раководството на „Охридско лето“, изјави познатата македонска пијанистка Маја Кастратовиќ по завршувањето на синоќешниот концерт на Лугански.
Николај Лугански кој по завршувањето концертот повторно одвои време за присутната публика за да се фотографија, изјави дека не жали што по четврти пат настапува овде во прекрасната „Света Софија“.
„Во Охрид секогаш настапувам со големо задоволство. Тука настапувам веќе четврти пат. Малку е жешко и средината на летото повеќе е за одмор отколку за свирење концерти, но сепак ова е мистериозно место и секогаш би сакал да го посетам. Многу сум и благодарен на публиката која многу внимателно ја слушаше денешната програма што воопшто не е лесна за следење, ниту Шуберт, ниту Чајковски-сонатата“, рече Лугански. Пијано-концертот на Лугански со огромно внимание го следеше и неговиот колега, рускиот виолончелист Александар Книажев но овојпат како дел од публиката. Книажев завчера одржа концерт на „Охридско лето“ заедно со пијанистот Андреј Коробеиников.