Андовски во посета на Охрид-брза и квалитетна здравствена заштита и во летниот период

Заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, оствари работна средба со менаџерските тимови на Општата болница, Здравствениот дом и Итната медицинска помош во Охрид, при што беше констатирано дека здравствените работници од овој регион успешно и навремено ги обезбедуваат потребните здравствени услуги за граѓаните во летниот период и се справуваат со последиците од топлотниот бран што деновиве ја зафати нашата држава.

„Здравствените установи во Охрид и во услови на високи летни температури обезбедуваат брза и квалитетна здравствена заштита за граѓаните од овој регион, и зголемениот број домашни и странски туристи кои престојуваат во овој град. Итната медицинска помош функционира со 13 тимови на територијата на Охрид и околните населени места. За потребите на Итната медицинска помош се доделени и три нови возила опремени со: ЕКГ апарат, дефибрилатор, респиратор и друга медицинска опрема,“ беше истакнато на средбата на заменик-министерот Андовски.

Тој ја нагласи добрата организациска поставеност на Општата болница, Здравствениот дом и службата за Итна медицинска помош во Охрид. На ова подрачје, здравствена услуга обезбедуваат и 35 матични лекари и генерално, станува збор за добра покриеност како на итната медицинска помош, така и на примарната здравствена заштита.

На средбата беше потенцирано дека за жителите на Охрид и околниот регион се обезбедуваат здравствени услуги во современ објект, опремен со најмодерна медицинска опрема, за која се вложени 1.5 милион евра. Новиот објект на охридската болница придонесе кон унапредување на квалитетот на здравствени услуги, а воедно се намали упатувањето на дел од пациентите кон клиниките. Инаку, во изминатиот период е извршена комплетна реконструкција и адаптација на болницата во вкупна вредност над 300 милиони денари, која ги опфати
хируршкото и гинеколошкото одделение.

Набавена е и нова медицинска опрема, како што се: нов апарат за компјутерска томографија, најсовремени ЕХО апарати, апарати за анестезија, гастро кабинети, биохемиски анализатор со капацитет од 100-200 анализи/час, класичен РТГ апарат, инкубатори за недоносени новороденчиња со пациент монитор, и друга опрема.

Заменик министерот Јовица Андовски, при посетата, информираше дека е во тек набавката на 6 нови мамографски системи, при што еден мамограф ќе биде поставен во општата болница во Охрид.

На средбата беа потенцирани и позитивните ефекти од проектот Рурален доктор, кој опфаќа 34 насени места од овој регион и преку овој проект на жителите во селата им се обезбедуваат основните лекарски прегледи, мерење шеќер и холестерол, а исто така им се препишуваат рецепти и им се издаваат упати. Со проектот Рурален доктор се опфатени следните населени места: Климештани, Мешеишта, Горенци, Волино, Требеништа, Лактиње, Годивје, Врбјани, Арбиново, Оздолени, Сошани, Оровник, Слатино Слатински Чифлик, Издеглавје, Издеглавје, Горно Лакочереј, Долно Лакочереј, Велестово, Подмоље, Сирула, Вапила, Орман, Ливо Љубаништа, Трпејца, Елшани, Коњско, Завој, Свињишта, Куратица, Опеница. На територијата на Охрид функционираат две аптекарски станици во с.Лескоец и с.Пештани.