Поради големиот интерес за меѓународниот фудбалски натпревар од Квалификациите за “Лига на Шампиони“ помеѓу ф.к.“Вардар“ од Скопје и ф.к.“АПОЕЛ“ од Никозоја, Кипар, кој ќе се одигра на 21.07.2015 година со почеток во 20,00 часот на Националната Арена “Филип II Македонски“, очекуваме зголемен интензитет на сообраќајот по сообраќајниците кои гравитираат кон и околу националната арена.
Од овие причини ќе биде воведен и посебен режим на одвивање на сообраќајот. Започнувајќи од 17,00 часот ќе биде затворен за сообраќај потегот од крстосницата на улиците “Аминта III“-“Јордан Хаџикостантинов-Џинот“ кон фудбалскиот стадион, при што кон стадионот ќе се пропуштаат само возила со посебни пропусници. Во периодот после 18,30 часот, во зависност од интензитетот на сообраќајот, ќе се ограничи приодот со возила од булеварот “Илинден“ кон стадионот, односно на крстосниците вдолж бул.“Илинден“ ќе се врши селективно пропуштање на возила кон стадионот. Во попладневните часови ќе се превземаат мерки за расчистување на сообраќајниците и паркинг просторите околу стадионот како и дислоцирање на затекнатите возила.
По повод истиот настан, навивачката група на ф.к.“Вардар“ –“Комити“, како зборно место за своите членови го одреди платото пред соборниот храм “Св.Климент Охридски“ во 17,30 часот, од каде пеш ќе се упатат кон градскиот парк по бул.“Св.Климент.Охридски“, лево по бул.“Илинден“, десно по ул.“Наум Наумовски.Борче“ кон фонтаната во градскиот парк. За време на движењето на навивачите ќе се превземаат мерки за физичко регулирање и пренасочување на сообраќајот.
Апел до сите граѓани, учесници во сообраќајот да бидат трпеливи, да ги почитуваат правилата и прописите, да се однесуваат совесно и хумано, грижејки се како за сопствената така и за безбедноста на останатите учесници во сообраќајот, како и да ги паркираат возилата на дозволените паркинзи.