За три до четири месеци, според надлежните институции, ќе биде завршена обновата на Железничката станица во Скопје, која треба да добие комплетно нов и модерен изглед.
Проектот за реконструкцијата на објектот изграден пред 35 години е во вредност од 2,4 милиони евра, од кои 85 проценти се обезбедени преку ИПА, а 15 проценти од Буџетот на РМ.
„Ефективно се работи на објектот, постојано има дополнителни работници и очекувам дека за три-четири месеци комплетно ќе биде рехабилитирана Железничката станица“, – изјави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски при денешниот увид на градежните работи.
Според директорот на МЖ Инфраструктура Ирфан Асани, голем дел од работите се во завршна фаза. Пероните се веќе подигнати и со стандардите за набавените нови патнички возови кои треба да пристигнат, лифтовите кои се важни за лицата со посебни потреби, како и чекалните ќе добијат нови системи за климатизација.
„Два перона се целосно направени, се работи на третиот перон, лифтовите се 90 проценти завршени, Дел од санитарните јазли, на северната страна, се 100 проценти завршени, а во другите делови 90 проценти. Се работи и на електричните и климатизациските инсталации кои се завршени околу 80 проценти. Има ново варосување, а потоа и целосно чистење“, – изјави Асани.
Министерот Мисајловски истакна дека покрај на главната станица во Скопје, почнат е и проектот за обнова на 10 вакви објекти лоцирани долж паневропскиот Коридор 10 и кракот 10Д. Целосно ќе бидат реконструирани железничките станици Прилеп, Велес, Битола, Богомила, Гевгелија, Чашка, Табановце, Демир Капија, Градско и Неготино – Вардар.
„За дел од нив од денеска завршува правосилноста на одобрението за градење и веднаш почнуваме да ги реконструираме, а за дел завршуваат на 27 овој месец и сукцесивно почнуваме да ги работиме сите железнички станици на Коридорот 10. Се работи за проект исто така со ИПА средства и очекувам дека наредната година ќе имаме нов лик на железничките станици на Коридорот 10“, – изјави Мисајловски.
Владата, потсети, спроведува и проекти за набавка на нови патнички возови и товарни вагони.
„Исто така работиме и на зајакнување на пругите, Куманово – Бељаковце, работиме на нови пруги, започнавме и со Битола – Кременица, односно пробуваме Македонија да добие нова слика односно реконструкција на цела железничка инфраструктура, а со тоа и да ги подобриме условите за граѓаните во железничкиот превоз“, – изјави министерот за транспорт Мисајловски.