Почнува осмото издание на „Топол културен бран“ во Ресен

Во Домот на културата во Ресен вечер ќе биде отворена самостојна ликовна изложба на Владимир Темков, насловена „Циклус житни полиња“. На 23 јули, пак, во киносалата во Ресен со стендап-комедија ќе гостува актерот Сашко Коцев, а наредниот ден групата ДНК ќе одржи концерт на плажата „Галакси“ во Претор.

Во изминатите седум години во рамките на „Топол културен бран“ беа реализирани над 700 настани проследени од домашна публика и од посетители од регионот.

„Топол културен бран“, како и во изминатите години, ќе се одвива во две етапи – од 20 до 31 јули и од 20 до 31 август. Како што информираше Министерството за култура, манифестацијата годинава ќе понуди над 92 културни настани во 30 општини.

Културни настани во текот на летниот период се одвиваат и во рамките на второто издание на проектот „Културно лето, Културна зима 2015“ кој се реализира во туристички атрактивните и еколошки чисти општини Берово, Ресен, Дојран и Крушево.