Веќе традиционално, кога се зборува за концерт на ДНК, во равенката секогаш се вклучува Охрид. Новитет оваа година, е што Охрид е последниот град кој Панчо и Андреј ќе го поминат во својата јулска турнеја. Последниот концерт е закажан за Недела (26.07), во Плажа бар Кадмо.
„Во нашиов случај, по почетокот – турнејата се познава. Започнавме од Скопје, каде поминавме традиционално супер. Велес па Пиво фестот во Прилеп беа нашите следни дестинации, каде поминавме истотака одлично. Крајот на неделава настапуваме во Претор и Пробиштип. Промена за оваа година, е фактот што турнејата ја завршуваме во Охрид. Сакаме концерти покрај вода, со убави и распеани луѓе. А може и да останеме после на уште некој ден одмор. Се гледаме во Кадмо на 26-ти!”, вели Панчо, кој заедно со Андреј, придружувани од бендот ќе одржат уште еден концерт кој ќе им остане во срце на Охриѓани.
Следните концертни настапи за месец јули се на 24-ти јули (Претор, Општина Ресен) и 25-ти јули (Градски плоштад, Пробиштип). Крајот е на 26-ти на Кадмо во Охрид, со почеток во 22:30 часот.
Она што ќе ги израдува сите фанови на ДНК, е најавата за концертни настапи и во месец август чии датуми ќе бидат наскоро објавени. Навистина, лето не е лето без концерти на ДНК низ Македонија.