„Со љубовта шегување нема“ – повик за создавање похуман и социјално рамноправен свет

Суровата вистина за денешниот неолиберализам кој го проголтува и уништува секој човечки напор за достојно живеење и негување на вистинските вредности беше прикажана синоќа на „Охридско лето“ преку претставата „Со љубовта шегување нема“ од Алфред де Мисе, а во режија на Софија Ристевска. Фестивалската публика која синоќа беше во дворот на Основното училиште „Свети Климент Охридски“ имаше исклучителна можност да ја долови болната човечка реалност преку говор, игра и танц на актерите од Интимен театар –Битола.

Режисерката Софија Ристевска пред почетокот на преставата најави дека овој проект се игра првпат под отворено небо и пред околу 200 гледачи, а не како досега што се играла во просториите на Интимен театар пред 60 посетители. Оваа претстава, според неа, е повик за создавање на еден похуман, посолидарен и социјално рамноправен свет каде што индивидуата ќе има право на слобода и љубов.

„Зборуваме многу за ситуацијата на човекот денес во нашата средина, за луѓето коишто емигрираат и кои во таа потрага за подобро утре многу често се жртви на таа своја понекогаш јалова жртва да заминат од сопствената држава. Зборуваме за проблеми и многу често драматургијата ја отфрламе во тој нејзин класичен вид. Многу често собираме документарни материјали и затоа и препорачав на охридската публика да не ја гледа нашата претстава како некое драмско дело, туку напротив, како збир од проблеми за кои ние говориме, збир од теми што ги отвараме ние,“ вели Ристевска.

Катерина Аневска заедно со професионалната пејачка и танчерка Стефанија Милевска и со нејзиниот колега-актер Здравко Стојмиров покажаа дека животните приказни можат да се доловат и на неконвенционален начин со што всушност се поставуваат нови стандарди во театарската игра, различни до досега изведуваното.

„Се работи за физички театар, каде што преку физичко дејство ја пренесуваме главната идеја на претставата која поставува многу прашања што ги мачат сите. Прашањата за капитализмот, дали тој е поважен од љубовта и дали во денешно време тој уништи се што е човечко и се што е хумано“, вели актерката Аневска.

Претставата „Со љубовта нема шегување“ се одигра во рамките на програмата „Младо театарско Охридско лето“ што првпат од годинава стартува како дел од фестивалската програма со цел да се поддржат и претстават младите уметници. Со учеството на „Охридско лето“, Интимен театар првпат ја изведува претставата „Со љубовта шегување нема надвор од матичната сцена“, а се очекува, овој проект да има интернационална промоција во Белград и во Софија.