Поради големиот интерес за концертот на славниот пијанист Иво Погорелиќ кој на 25 овој месец ќе настапи во црквата Света Софија, Охридско лето направи напор да обезбеди уште еден дополнителен концерт на 26.07.2015 ( недела).
Со ваквиот сериозен, одговорен и професионален пристап, во интерес на нашата верна публика, ќе овозможиме сите заинтересирани да можат да бидат дел од овој настан. Голем е бројот на гости од странство кои специјално најавија дека ќе дојдат во Охрид токму поради концертот на Погорелиќ. Резервации има од Србија, Хрватска, Грција, Чешка, Албанија, Франција. Картите и за вториот концерт на легендарниот пијанист Иво Погорелиќ ќе бидат со цена од 1000 денари. Според селекторот на музичкиот дел од програмата Гордана Јосифова Неделковска како кулуминација во редот на пијанистите на овогодинешната пијанистичка елита, е токму концертот на големиот матадор на пијаното,
славниот Иво Погорелиќ, кој светската критика го нарекуваа „еден од најголемите и најконтроверзните пијанисти на своето време“. На интернационалниот натпревар „Шопен“ во Варшава, во 1980, реномираната аргентинска пијанистка Марта Аргерич со право го нарече: „Гениј на пијаното“.
„И покрај тоа што Маестро Погорелиќ ужива светска слава, застапуван од над 10 менаџменти во целиот свет, на нас како организатори ни беше задоволство ,чест и големa привилегија договарањето на овој, за Фестивалот, многу значаен концерт, кој беше исполнет со високопрофесионална, но и едноставна и топла комуникација. Но над сето тоа преовладуваше искрената желба на Маестро Погорелиќ да биде дел од 55 јубилејно издание на фестивалот. Заради тоа што билетите за овој голем настан се распродадоа за само два дена, подолго време имавме „слатка главоболка“ како да најдеме решение што поголем број обожаватели на Погорелиќ да бидат дел од овој според нив „долго очекуван“ концерт. Голем број на пијанисти, музичари од соседните земји постојано се јавуваат со молба да им се обезбедат билети и да дојдат во Охрид исклучиво заради овој концерт“, вели Јосифова Неделковска. Маестро Погорелиќ на вториот концерт ќе настапи без било каков паричен надоместок.
„И покрај тоа што како уметник ми е повеќе од јасно што значи да се настапи во црквата Св. Софија, во тој духовен храм од 9 век со акустика која носи и вознесува, како што ретко може да се сретне, му понудивме на Маестро Погорелиќ да настапи во предворјето на Св. Софија објаснувајќи дека причината е малиот капацитет на Св. Софија, 200 места, и дека во предворјето капацитетот е дупла поголем – 400 места. И покрај тоа што во тој момент се чувствувам не само непријатно, туку и не професионално, заради фестивалската публика морав да го сторам тоа. Само после неколку дена, го добивме одговорот кој сите не „шокира“. Маестро Погорелиќ изрази желба дека сепак сака да свири во Св. Софија, но затоа пак следната вечер, 26 јули, уште еднаш во истиот простор ќе настапи за да ги задоволи барањата на Фестивалот и на публиката и тоа без никаков надоместок. Со ова, фестивалската публика, а и Охридско Лето го добиваат најголеиот подарок за јубилејното 55 издание. Овој голем гест, Маестро Погорелиќ го направи со таква едноставност, што немаше потреба од никакво инсистирање, молење, преговарање..И уште еднаш се потврди дека „Големите уметници се секогаш пред Се големи луѓе“ а фестивалот Охридско Лето го заслужува и невозможното“, вели музичкиот селектор на Охридско лето Јосифова Неделковска.