„Многу врева за ништо“ ја прикажа вечната борба помеѓу животната добрина и расипништвотo

Народниот театар од Сомбор, Србија синоќа на фестивалот „Охридско лето“ ја одигра претставата „Многу врева за ништо“ од вечно актуелниот Шекспир а во режија на Ана Ѓорѓевиќ. Тие час лудуваа, час се шегуваа, час ги исмеваа глупавите недоразбирања и перверзијата, но и изразуваа воодушевување од човечката убавина и ја покажаа животната радост.

Иако според Драгана Бошковиќ, одговорен уредник на драмската програма на Јавниот сервис на Србија и театарски критичар, во шекспировите текстови, во неговите комедии и трагедии нема ништо лесно за актерите, сепак членовите на Народниот театар од Сомбор покажаа одлична претстава и актерски способности.

„Актерите од Сомборскиот народен театар со својата игра синоќа на „Охридско лето“ со сигурност го оправдаа нивното учество на фестивалот во Охрид на кој настапуваат со големи театри од Израел, Русија, Словенија и од други земји, вели Бошковиќ. Саша Торлаковиќ кој се вбројува помеѓу петте најдобри актери во Србија вечерва на сцената во дворот на Основното училиште „Свети Климент Охридски“ покажа дека не случајно добил најмногу стериини награди во неговата земја во текот на својата две и пол децениска актерска дејност. Според него, претсвата „Многу врева за ништо“ ја сакаат и актерите, но и публиката.

„Шекспир е неиспцрпен рудник кој ви отвора многу теми иако е многу тешко да се определите која ќе биде доминантна. Во нашата претстава важно место зазема секако, машко-женскиот однос, тој компликуван однос кој трае од опстанокот на Адам и Ева до денес, но она што мене ми беше интересно како актер е како една средина, еден естаблишмент , една елита загледана во себе не обраќа внимание каква неправда може да им направи на другите“, рече Торлаковиќ.

Во претставата играа и двајца студенти на Белградската академија за глума, Александар Ристоски од Македонија и Вања Ненадиќ од Србија. Иако се уште го усовршуваат занаетот на академијата, сепак, како што велат да се игра Шекспир во трета година од студиите со професионален театар е голем предизвик но и огромно задоволство.

„Сомборскиот театар е многу добро место за работа. Атмосферата во него е мошне пријатна. Нема суети,големи ега да ги притискатаа младите актери, туку едноставно сите те туркаат напред да бидеш најдобар од тоа што го можеш“, нагласи Ристоски.

Театарот во Сомбор датира од 1882 година кога е изградена зградата за изведба на претстави.Народниот театар во овој град следната година ќе одбележи 70 години од професионалната дејност.На репертоарот нуди квалитетни претстави, но мошне активна е и детската театарска сцена. Со претставата „Многу врева за ништо“ Сомборскиот театар утревечер ќе настапи на Шекспировиот фестивал во Битола.