Работнички оди во следното коло од Лигата на Европа

Работнички одигра 2:0 против Јеглава во Скопје и со вкупен резултат од 2:1 успеа да оди во следното, трето квалификационо коло од Лигата на Европа. Иако Јеглава забележа минимална победа од 1:0 во Латвија, Работнички успеа во Скопје да ја анулира таа предност и да се пласира во следната фаза од Лигата на Европа.

Работнички уште на самиот почеток на натпреварот ја покажа намерата, тргна офанзивно и уште во 6 минута со голот на Блаже Илијоски го отвори резултатот на 1:0. Веќе во 17 минута Сахити зголеми на 2:0 и му донесе предност на Работнички, предност која нашиот тим мораше да ја чува се до финишот и успеа во тоа. Работнички издржа да не прими гол се до самиот крај на натпреварот и со вкупен резултат 2:1 се пласира во следното коло од Лигата на Европа.

Во следното коло од Лигата на Европа, Работнички ќе игра против Трабзонспор.  Првиот дуел ќе се игра на 30 јули во Скопје, додека пак повратниот дуел на 6 август во Трабзон, Турција.

WebOhrid