Министерот Диме Спасов соопшти дека денеска излегува нов оглас за обука за побарувани занимања на пазарот на труд за 220 невработени лица, кој Министерството за труд и социјална политика го објавува во соработка со Агенцијата за вработување.
„Би сакал да ги повикам сите невработени лица кои сакаат да стекнат работно искуство во реални работни услови во самите компании да се обучат на механизацијата и на машините кои функционираат во приватните компании за занимања и вештини, кои се побарувани на пазарот на труд. Со тоа да се зголемат нивните способности и вештините кои ги поседуваат, а со тоа да се зголеми нивната вработливост и можностите побрзо да стигнат до работно место. За реализација на оваа мерка обезбедивме вкупен финансиски износ од 12.000.000 денари“, изјави Спасов.
Тој денеска, заедно со директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски, имаше работен состанок со раководството на компанијата „Бато и Дивајн“ која е една од дваесетте кои се вклучија во новата програма за обука за побарувани занимања на пазарот на труд.
Компаниите кои учествуваат практично и приватните провајдери кои учествуваат во реализација на обуката ќе добијат максимум до 30.000 денари за едно лице, додека невработените лица кои ќе ја посетуваат обуката месечно ќе добиваат околу 6.200 денари во траење од четири месеци.
„Процентот на успешност е на задоволително ниво, односно откако се реализира оваа програма учествувале 970 невработени лица додека 436 се стекнале со работно место односно процентот на успешност е околу 45, што е показател на успешноста на мерката и мотиватор и понатаму да продолжиме да ја унапредуваме. Оваа година со учество на 20 приватни компании, очекувам и наредната година да се приклучат уште приватни компании кои ќе овозможат обука на невработените лица во реални работни услови“, појасни Спасов.
Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски истакна дека првпат оваа година се приклучиле повеќе приватни провајдери на вакви обуки кои со своите поквалитетни услови на обука, како што рече, даваат можност да се добие поквалитетен кадар на пазарот, а дел ќе бидат и вработени во самите компании.