Ставрески: Повластената стапка на ДДВ ќе поттикне натамошна изградба на станови

Предложеното пролонгирање до крајот на 2018 година на повластената стапка на ДДВ за изградбата и првиот промет на станови е поддршка за градежниот сектор и ќе создаде услови за натамошна експанзија на станбената изградба, оцени денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Предлог измените на Законот за ДДВ, што се во собраниска процедура, Ставрески очекува да бидат изгласани до крајот на месецов. Со нив, како што рече, Владата излегува во пресрет на барањето на Градежната комора со цел да се поттикне натамошната изградба на становите.

„Владата имаше слух за тоа барање и дадовме предлог за три години, значи до крајот на 2018 година, изградбата на становите и првиот промет на становите да биде со повластена даночна стапка од 5 проценти што ќе овозможи понатаму градежна експанзија во делот на станбената изградба и ќе ја одржи цената на становите која што со поддршка на оваа мерка на Владата ќе може да биде пониска отколку што би била ако имаме данок од 18 проценти“, изјави Ставрески при денешната посета на Сојузот на стопанските комори на Македонија.

Владината мерка, укажа Ставрески, е од крајот на 2009 година и резултираше со значително зголемување на изградбата на станови во Македонија. – Ако пред донесувањето на оваа мерка имавме околу 600 до 700 стана годишно што се градеа во државата сега меѓу 1.700 и 1.800 станбени единици се градат годишно. Вториот бенефит од оваа мерка што исто така во меѓувреме влијаеше се разбира и со други мерки што се преземаа за поддршка на градежните компании за намалување на просечната цена на становите. Ако пред неколку години таа во Скопје изнесуваше 950 евра по метар квадратен денеска е 850 евра по метар квадратен, а во внатрешноста на РМ, во помалите градови, за 100 евра се пониски овие цени, рече Ставрески.

На страна на побарувачката, потенцира министерот за финансии, Владата помага со проектот „Купи куќа купи стан“, каде дава субвенции за лицата кои ќе се решат да стекнат сопствен дом.

„Со 3,8 милиони евра досега субвенции од Владата дадени се станбени кредити во износ од 20 милиони евра, што овозможи 620 семејства да го решат станбеното прашање. Остануваме отворени за соработка со Градежната комора и со Сојузот на стопански комори со цел да овозможиме добри услови за градежните компании и да дадеме поддршка во делот што зависи од Владата“, најави Ставрески.

Според Роберт Хот, претседател на Градежната комора при ССК, градежните компании сметаат дека владината мерка ќе придонесе за стабилен раст и продолжување на нивната работа. Тоа, нагласи, е значајно за уште 26 други гранки коишто растат заедно со градежните компании.

Покрај вискоградбата, оцени Хот, стабилната политика во однос на капиталните инвестиции придонесува во наредните три-четири години да продолжи стабилниот раст на градежниот сектор во нискоградбата со изградба на автопатишта, регионални и брзи патишта.

„Оваа соработка ќе продолжи и во иднина, преговараме и со други министерства каде што заеднички ќе придонесеме за намалување на нелојалната конкуренција“, изјави Хот.