Младо театарско Охридско лето: Утревечер Монотеатарска опера „Дневникот на лудиот“

Во рамките на „Младото театарско Охридско лето“ кое првпат годинава стартува на фестивалот „Охридско лето“, утревечер ќе биде прикажана монодрамата „Дневникот на Лудиот“ од Николај Василевич Гогољ.

Сценографијата и режијата на оваа претстава ги направи композиторот Марјан Нечак. Во неа учествуваат двајца негови соработници, Озрен Грабариќ и Марин Лукановиќ.

„Станува збор за моноопера или за една современа музичка претстава во којашто главниот музички протагонист се изразува и со пеење и со текст. Нешто што кај нас е непознато. Музичкиот театар во моментов е најразвиен и најраспростран во Белгија, Холандија, Франција и Германија. Собирајќи искуства преку работењето таму и во други земји, одлучив да на направам нешто што во секој случај е ново но е интересно“, вели Нечак.

Актерот Озрен Грабариќ кој е инаку глумец од Загреб го игра ликот на Лудакот во претставата. Според Нечак, тој е еден прекрасен актер кој е мултиталентиран и досега не се занимавал многу со музички театар.

„Минатата година се сретнавме на Сплитско лето каде заеднички работевме и оттогаш произлезе оваа идеја. Во „Дневникот на Лудиот“ учествува и Марин Лукановиќ, мој колега, долгогодишен соработник со кого работевме доста проекти како балети, драмски претстави и слично. Со заедничка идеја пред една година отворивме еден музички театар во Македонија со седиште во Битола од потреба што мојот стил е веќе долги години музички театар и со тоа се занимавам најмногу надвор од Македонија, а поретко тука. Затоа оваа идеја која одамна длабоко владееше во мене ја отворам и овде,“ додава Нечак.

Премиерата на претставата „Дневникот на Лудиот“ беше изведена на 10 јуни во Битола и според режисерот, композторот и сценаристот Марјан Нечак, е добро прифатена од публиката. -Во Битола помина одлично и мило ми е што со неа настапуваме на фестивалот „Охридско лето“ со што започнува и нашата турнеја. Гогољ иако го напиша ова дело пред 250 години, темата е многу актуелна и секој ден се среќаваме со овој тип социјални проблеми секојдневно. Затоа мислам дека ќе допреме до секое срце и ќе отвориме барем едно прашање:кои сме и што сме и дали секогаш знаеме да се справиме во права ситуација, вели Нечак. Видеото во проектот го правеше Марин Лукановиќ.

„Работевме на голема далечина зашто јас сум во Риека, а тој во Битола и да немаше интернет можеби немаше да се реализира и оваа претстава. Беше интересно зашто требаше да му се помогне на некој начин на Озрен, на главниот лик, да има некој партнерски однос на сцената па затоа во видеото вградивме како да има некаков партнер. Иако е моноопера, да може некому дополнително да му се обрати.

Претставата „Дневникот на Лудиот“ ќе се игра утревечер во дворот на Основното училиште „Свети Климент Охридски“ пред 100 гледачи. Ќе се изведува на англиски и шпански јазик, но ќе има и титл на македонски.