СДСМ Дебрца: Дел од населените места во општина Дебрца на +40 степени останаа без капка вода за пиење

СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Откако повеќе денови на температури од + 40 степени жителите на населените места Горенци, Оровник и Подмолје, кои се водоснабдуваат од водоснабдителниот систем со извориште во местноста “Св.Еразмо” останаа без вода за пиење од страна на надлежните од Јавното претпријатие “Дебрца “ беа смирувани дека се работи на отстранување на дефектите и дека за бргу ќе се нормализира состојбата со водоснабдувањето. Сепак најновите случувања покажуваат дека тоа не е така и дека состојбата била далеку од нормализација. Во вчера лиферуваното соопштение од страна на Јавното претпријатие жителите се информираат дека се воведува рестрикција на водата за пиење и дека истата по денови наизменично ќе се пушта во населените места. Причината за рестрикциите во водоснабдувањето била зголемената потрошувачка на вода. По се изгледа надлежните од Јавното претпријатие се изненадени од зголемената потрошувачка, која замислете им се случува во летен период !? Напротив, наместо во зголемената потрошувачка, која е нормална за овој период од годината причината за ваквата состојба треба да се бара во неподготвеноста на Јавното претпријатие и непреземањето на потребните мерки како што се реконструкција, односно подобрување на перформансите на пумпната станици или ако веќе во прашање е издашноста на извориштето, изнаоѓање и зафаќање на нови дополнителни извори за водоснабдување.

Од наша страна воопшто не сме изненадени од ваквите случувања, бидејќи истите се логичка последица на немањето на приоритет во решавањето на инфраструктурните проблеми од страна на локалната власт. Наместо приоритет да биде реализацијата на инфраструктурни проекти кои се од животно и егзистенцијално значење за населението, како што е водоснабдувањето, во изминатиот период огромни финансиски средства се потрошија во неприоритетни и непродуктивни проекти, кои само создаваат трошоци за одржување, без да носат бенефит за населението.

Апелираме до општинската власт и јавното претпријатие да се преземат сите расположиви мерки за ублажување на состојбата со водоснабдувањето. Цениме дека треба да се преиспита одлуката за рестрикција на водоснабдувањето по населени места во текот на цел ден и ако веќе е потребно да се прави и технички е можно истата да биде по одредени часови во денот. Да се обезбедат и други начини за водоснабдување до надминувањето на состојбата, како што е обезбедувањето на цистерни со вода за пиење.

Ова од причина што во услови на енормно високи температури и горештини, кои се најавувуваат и за наредните денови не само што е тешко, туку речиси е невозможно да се живее без капка вода за пиење.

Наместо парцијални решенија, веднаш да се пристапи кон скенирање на сите проблеми и изнаоѓање на трајни решенија за решавање на проблемот со водоснабдувањето на наведените населени места во општината.“ – стои во соопштението од Општинската Организација СДСМ Дебрца.