Со истражувачкиот пијанизам Погорелиќ отвора нови видици кон музиката

Огромен интерес и силни емоции предизвика хрватскиот пијанист Иво Погорелиќ кој синоќа го одржа и вториот концерт на фестивалот „Охридско лето“.

Според селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ Гордана Јосифова-Неделковска, од големо значење е настапот на матадорот на пијаното, маестро Иво Погорелиќ особено што тој на фестивалската публика и подари втор концерт без финансиска надохнада.

„Уште еднаш се потврди дека големите уметници се пред се големи луѓе. Овој концерт предизвика огромен интерес не само кај домашната публика, туку имаме многу странски посетители кои дојдоа исклучиво да го слушаат овој голем уметник што нас како организатори ни е особено драго“, рече Јосифова-Неделковска.

Импресиите од концертот на Погорелиќ, како што додаде таа, се навистина огромни.

„Овој концерт ќе се памети и уште долго ќе остане во меморијата на почитуваната фестивалска публика, а фестивалот „Охридско лето“ во својата историја ќе запише –Маестро Иво Погорелиќ 1981-2015 година“, нагласи селекторот на музичката програма на „Охридско лето“ Гордана Јосифова – Неделковска.

За пијанистот и професор, Тодор Светиев, истражувачкиот пијанизам на Погорелиќ отвара нови в

идици кон музиката што тој ја изведува.

„Огромно е задоволството што вечерва бевме сведоци на еден извонреден музички настан, концертот на пијанистот Иво Погорелиќ. Тоа беше извонредно доживување првенствено заради неговото високо мајсторство, специфичниот индивидуален пристап кон музичките дела кои ги изведуваше и заради неговиот истражувачки пијанизам кој ни отвори нови видици кон музиката што ја изведуваше“, истакна Светиев.

Дел од синоќешниот голем настан на „Охридско лето“ беше и македонскиот виртуоз на гитара, Влатко Стефановски кој по завршувањето на концертот изјави дека е особено среќен што првпат го слуша Погорелиќ во живо.

„Одамна ја имав таа желба да го видам во живо. Фасцинантна физичка, ментална и духовна сила. Јас не сум стручњак за оваа литература, ниту за Шопен, ниту за Рахмањинов, но до мене доаѓаше една страшна сила, една огромна енергија која навистина е тешко да се опише“, рече Стефановски.

Според Јасмина Пакашки ваквите уметници од рангот на Иво Погорелиќ се богатство на човештвото. -Инпресиите се стравотни и доживеав еден емоционален земјотрес. Она што вечерва се случи беше навистина нешто на светско ниво, неверојатен звук кој е потенциран од акустиката на „Света Софија“. Маестро Погорелиќ ни покажа како тоа се свири со сета душа на начин на којшто јас во еден момент имав впечаток дека се наоѓам на некаков рафтинг, на диви води каде што повремено се симнувам низ огромни водопади, а потоа пловам во некои мирни води. Буквално имав чувство дека ме тресе некаков земјотрес, рече Пакашки. Српскиот музиколог од Факултетот за музичка уметност во Белград Стефан Цветковиќ кој специјално за настапот на Погорелиќ допатува во Охрид оцени дека синоќешниот концерт беше фантастичен.

„Маестро Погорелиќ преку своите циклуси во својата кариера се враќа со исти дела, но секогаш се враќа на различен начин и тие дела секогаш ги надоградува со нови знаења и искуства и на тој начин неговите интерпретации се секогаш и секогаш подлабоки, и мисловно и емоционално. Сметам дека охридската публика имаше исклучителна можност да слушне во зрела интерпретација на делата кои се втемелени во европската историја на музиката. Специјално дојдов за неговиот концерт зашто маестро Погорелиќ ретко музицира во регионот и секој негов настан е сензација сама по себе“, оцени музикологот Цветковиќ.

„Чест да се следи концертот на Погорелиќ имаше и младиот пијанист Дино Имери Голем гест од страна на маестро Погорелиќ да одржи уште еден концерт што за мене беше можност да дојдам бидејќи не успеав тоа да го направам на претходниот. Се надевам дека ќе имаме множност во Македонија да го слушаме уште многу пати. Интересно и впечатливо е да се слушне еден ваков уметник со позадина, со богата свиречка дејност позади него“, рече Имери.

Иво Наумов кој го интервјуирал пијанистот Погорелиќ првиот пат кога дошол в Македонија вели дека овој уметник остава силен впечаток и желба повторно да се биде дел од неговите концерти.

„Иво Погорелиќ е извонреден, исклучителен, со моќен звук. Мислам дека публиката дека беше повеќе од задоволна. Се гледаше впечаток дури и од иконите и фреските дека и светците со задоволство го слушаа и сакаат да подигнат палец во знак за одобрување. Како некој што го интервјуирал овој уметник за весникот „Нова Македонија“ првпат кога беше овде, ми беше исклучително задоволство да го видам повторно“, вели Наумов.

И уметникот Ненад Ѓурѓевиќ специјално допатува во Охрид од Србија само за да ужива во звуците од пијаното на Погорелиќ.

„Првпат сум во Охрид и воопшто во Македонија и концертот на маестро Иво Погорелиќ беше одлична можност да се дојде овде и да се посети овој прекрасен град. Впечатокот од концертот е навистина фантастичен“, рече Ѓурѓевиќ. И за двата концерти на пијанистот Погорелиќ што се одржаа во рамки на 55-тото јубилејно издание на „Охридско лето“ се бараше билет повеќе.