Фестивалската програма на 55-тото издание на „Охридско лето“ вечерва продолжува со традиционалниот концерт насловен како „Вечер на Европската Унија“ . Во црквата „Св. Софија“ со почеток од 21 часот ќе имаме можност да го слушнеме одличното словенечко трио во кое членуваат харфистката Мојца Злобко Вајгл, флејтистката Ева Нина Козмус и виолончелистката Кармен Пецар.
Харфистката Мојца Злобко Вајгл се вбројува меѓу водечките музичари во Словенија, со богата интернационална кариера како солист и како камерен изведувач. Дипломирала на Музичката академија во Љубљана, а своите постдипломски студии ги завршила на Академијата за музика и за театар во Хамбург. Набрзо потоа започнува нејзината завидна изведувачка дејност со широк и разновиден репертоар. Некои од современите композитори, инспирирани од нејзиното музицирање, започнуваат да пишуваат дела за соло харфа посветени токму на оваа извонредна харфистка. Како солист досега има настапувано со голем број значајни диригенти и оркестри, додека како камерен изведувач често е дел од ансамбли во кои членуваат реномирани музички уметници.
Младата флејтистка Ева-Нина Козмус за себе вели дека „живее за музиката“. Со само 21 година, Козмус може да се пофали со голем број национални и интернационални награди и признанија, меѓу кои и наградата „Евровизиски млад музичар“ („Еуровисион Ѕоунг Мусициан“) што ја добива во 2010 година. Покрај тоа, таа постојано е активна на музичките сцени низ цела Европа, притоа соработувајќи со реномирани оркестри и уметници. Ева-Нина Козмус во моментов е на своите додипломски студии на Националниот конзерваториум за музика и танц во Лион, Франција. Виолончелистката Кармен Печар го привлекува вниманието на словенечката музичка јавност на 13-годишна возраст кога дебитира како солист со Словенечката филхармонија изведувајќи го Концертот за виолончело и оркестар од англискиот композитор Едвард Елгар. Досега соработувала со голем број еминентни диригенти, изведувачи и оркестри, настапувајќи на некои од најпрестижните сцени во светот. Неколку години работела како асистент на својот професор – виолончелистот Валтер Дешпаљ, на Музичката академија при Универзитетот во Загреб, а моментално работи како професор по виолончело на Конзерваториумот за музика и танц во Љубљана.