Најтоплиот ден во ова лето не очекува утре. Како што најавуваат метеоролозите времето утре во Македонија ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
Утре, кога не очекува најтоплиот ден за оваа сезона, утринската температура ќе биде во интервал од 15 до 22, а дневната од 34 до 41 степени.
По најтоплиот ден во годината – пороен дожд
И во четврток под влијание на многу топла воздушна маса дневните температури на повеќе места ќе бидат над 35, а долж Повардарието и над 40 степени.
По најтоплиот ден во годината, метеоролозите најавуваат пороен дожд.
Во четврток вечер кон петок ќе има промена на времето со пороен дожд, грмежи и засилен ветер што ќе предизвика пад на температурите за неколку степени. Потоа и во следните денови ќе има услови за локална нестабилност.
Почитувајте ги препораките
Владата на Република Македонија, по предлог од Министерството за здравство, минатата недела донесе препорака за ослободување од работните обврски на бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години, во периодот од утре (22 јули) до вторник (28 јули), но по се изгледа ако се земат во предвид најавите од метеоролозите овој временски период ќе биде пролонгиран.
Во истиот период, се препорачува на работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни активности на отворено во периодот од 12 до 17 часот.
Препораките се донесени имајќи предвид дека подолг период државата е зафатена со повисоки температури, кои според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи ќе продолжат во претстојниот период до почетокот на следната недела.
За граѓаните од целата држава важат општите препораки за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, носење светла и лесна облека, избегнување престој на отворено, консумирање лесна храна, термички обработена храна и повеќе течности (а да се избегнува консумирање на лесно расиплива храна), редовно одржување хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната, како и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.
Извор: Нет Прес