Извонредната театарска игра на актерите од Албанскиот и Турскиот национален театар од Скопје докажаа дека со право опстојуваат на македонската театарска сцена цели шест и пол децении.
Копродукцискиот драмски проект „Слуга на двајца господари“ на текст од италијанскиот комедиограф Карло Голдони а во режија на Јуџел Ертен на публиката на „Охридско лето“ и ја долови реалната мултилингвална средина. Љубовта и лебот, двете нешта кои во современиот свет добиваат тешки димензии, но се вечно актуелни теми поради што беа предизвик и за режисерот Ертен.
„Отсекогаш ми се допаѓаше спојот на јазиците во вашата земја, помеѓу Македонците и Турција, Турците и Албанците, Македонците и Албанците и слично кои меѓусебе одлично се разбираат. Оваа мултилингвална средина ја доживеав во „Куќа на граница“ . Тријазичната димензија на претставата ме исфрли чекор напред зашто овде познавам актери кои ги знаат сите овие јазици. Нашата претстава се однесува на љубовта и на лебот. Во современиот свет и двете нешта влегоа во тешки димензии. Светот дојде во таква состојба во која почнавме да произведуваме и ѓубриште. За мене овој текст во кој се говори за двајца вљубени од различни заедници и за еден сиромав кој се бори за леб, беше мошне интересен“, вели Ертен.
„Слуга на двајца господари“ од Голдони е напишана во 1753 година. Претставата е комедија за напорот на истрајните вљубени, невини, млади карактери каде што најприродно е концепцијата да се движи во рамките на трите јазика и фантастичната лингвистичка мешавина која опстојува во Македонија. Во неа играа различни генерации актери од двата театри кои покажаа извонредни актерски вештини.
Со настапот на „Охридско лето“ со комедијата „Слуга на двајца господари“ Албанскиот и Турскиот народен театар одбележаа 65 години од нивното основање.