Музичката програма на „Охридско лето“ за вечерва нуди посебно доживување за пошироката фестивалска публика, преку концертот на „Амира трио“, групата што изведува песни од традиционалниот мелос на овие простори на посебнен, уникатен уметнички начин.
Триото го предводи вокалистката Амира Медуњанин, која уште од самиот почеток на својата кариера е во постојана потрага по вистинскиот начин на толкување и претставување на традиционалната музика на Југоисточна Европа. Нејзиниот восхит кон убавината на усната традиција која се практикува на овие простори, ја наведува да се посвети на создавањето на специфичен уметнички израз што не е составен дел од музичките трендови и не е подложен на компромиси со цел да се вклопи во постоечките музички калапи. Низ работата со професионални музички ансамбли и со многубројните концерти што ги има, Медуњанин успешно ја претставува културата на овие простори, односно балканската традиционална музика на светските музички сцени. Амира Медуњанин досега има издадено повеќе албуми, на кои ниту публиката ниту критиката не останаа рамнодушни.
Звонимир Шестак своите студии по џез-контрабас ги започнува на највисоката образовна институција за музика и глума „Државниот конзерваториум Карнтнер“ („Karntner Landeskonservatorium“) во покраината Карнтнер во Австрија, а продолжува на Универзитетот за музика и уметности во Грац. Во моментов е на крајот од своите постдипломски студии. Во текот на својата кариера соработувал со голем број истакнати музичари, како Тамара Обровац, Матија Дедиќ, Дебора Картер, Џо Капловиц, Карен Асатриан, Масимо Савиќ, Натали Диздар и други. Настапувал на некои од најзначајните џез-фестивали во светот. Во 2013 година ја добива наградата „Статус“ („Status“) што ја доделува Хрватското здружение на музичари, за најдобар изведувач на џез-контрабас и на електрична бас-гитара.
Третиот член на „Амира триото“ е хрватскиот гитарист, композитор и аранжер Анте Гело. Дипломен на џез-гитара на Универзитетот за музика и сценски уметности во Грац, а подоцна запишува и постдипломски студии на Одделот по композиција и аранжирање на истиот универзитет. Во текот на својата кариера има настапувано на голем број џез-фестивали во Хрватска, а имал можност и да ѝ се претстави на публиката во Јужна Америка, во Австрија, во Германија, во Франција, во Италија и во други земји. Член е на неколку џез-ансамбли, каде што соработува со популарни музичари од сферата на џез-музиката. Добитник е на наградите „Чај за тројца“ („Tea for Three“) и „Статус“ („Status“). Концертот на „Амира трио“ ќе се одржи на сцената во Предворјето на Света Софија, со почеток во редовниот фестивалски термин од 21 часот.