Запленети златен накит, артефакт, девизи, гасен пиштол и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници спречија неколку обиди за криумчарење на разна стока, меѓу која и златен накит, артефакт, девизи, гасен пиштол, телевизор, обувки, облека и друго.

Задржана е следната стока:

Златен накит
– 206 грама златен накит (белегзии, обетки, прстени, ланчиња и огрлици – вкупно 14 парчиња златен накит) е пронајден во патничко моторно возило со швајцарски регистарски таблици, управувано од швајцарски државјанин, а пријавено за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Златото е пронајдено во две кутии со по четири фиоки, во хартиено ќесе, сместено покрај куферите со личен багаж во багажниот простор на возилото. Против осомничениот, до надлежното јавно обвинителство е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „Криумчарење“, донесена е пресуда со која осомничениот е огласен за виновен и осуден со парична казна во висина од 61.500,00 денари.

Артефакт
– 1 мермерена плоча (археолошки предмет) испишана со арапски букви, откриена на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на автобус со македонски регистарски таблички, кој сообраќал на редовната линија Охрид-Белград, пријавен за излез од државата. Мермерната плоча е пронајдена во ќесе сместено во пластична торба, сопственост на руски државјанин, патник во автобусот. Пронајдената плоча е предадена на Национална установа Археолошки музеј на Македонија заради вештачење, од каде е издадено стручно мислење според кое мермерната плоча преставува „дел од надгробен споменик, кој според наведените карактеристики може да датира од втората епоха од османлиската епиграфија, поточно од 16 до 18 век“, со што преставува споменик на културата. Против сторителот поднесена е кривична пријава поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „Изнесување односно извезување во странство добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“, а судија на претходна постапка му изрече мерка безбедност одземање на патна исправа.

Девизи
– 17.000 евра, откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на патничко моторно возило со руски регистарски таблички, пријавено за влез во државата, а управувано од руски државјанин. Непријавените девизи се пронајдени во внатрешниот џеб од рачна торба, сместена на совозачкото седиште од возилото.

Гасен пиштол
– 1 гасен пиштол со рамка без муниција марка EKOLMod 9 со калибар 9 mm, откриен од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патничко моторно возило со српски регистарски таблички, управувано од српски државјанин, пријавено за излез од државата на граничниот премин Табановце. Непријавениот пиштол бил сокриен во делот од багажниот простор на возилото наменет за резервното тркало.

Телевизор
-1 нов телевизор марка Samsung, откриен од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патничко моторно возило со швајцарски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце. Непријавениот телевизор е пронајден во багажниот простор на возилото.

Обувки
-85 пара разни обувки (сандали, балетанки и женски чевли), пронајдени во две картонски кутии и во неколку црни ќесиња, сместени во багажниот простор на патничко моторно возило со македонски регистарски таблици, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Богородица.

Облека
– 58 парчиња разна женска облека (фустани, блузи, панталони и здолништа), откриени на влез во државата на граничниот премин Богородица, при контрола на автобус со грчки регистарски таблички, кој превезувал патници од железничката станица во Солун до железничката станица во Гевгелија. Непријавената облека е пронајдена во едно перниче и две ќесиња сместени покрај седиштето на кое седела македонска државјанка, патничка во автобусот, како и во две торби сместени во багажниот простор на автобусот кои исто така биле нејзина сопственост.

Останато
– 3 парчиња механизми за конец за јадица, 20 парчиња пластични шишенца со калциум мултивитамин, 15 парчиња стаклени шишенца со по 100 ml раствор на витаминиA, D3 и E и 20 парчиња пластични шприцеви со по 200 ml течност SYNULOXLCE за ветеринарна употреба, сокриени во калниците и под задното седиште на патничко моторно возило со македонски регистарски таблици, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Ново Село. Сопственикот на стоката не ги поседувал задолжителните ветеринарни и здравствени сертификати за лековите.