Акциски контроли за заштита од бучава во угостителски објекти во Охрид

Повеќе угостителски објекти во Охрид беа опфатени во седум акциски контроли што СВР Охрид, изминативе денови ги изврши самостојно, но и во содејство со надлежните инспекциски служби од Локалната самоуправа. Контролите беа реализирани во врска со законот за заштита од бучава и прекршоци против јавниот ред и мир со користење на музички инструменти и други технички уреди.

Во содејство со инспекторатот за животна средина и комуналната инспекција, контролите беа реализирани и по пријави на граѓани кои пријавуваа нарушување на јавниот ред и мир со пеење и користење музички инструменти односно побараа заштита на животната средина од бучава.

Во три угостителски објекти каде мерењата со помош на апарат-фонометар, покажаа надминување на граничните вредности на дозволена бучава и нарушување на јавниот ред и мир, СВР Охрид поднесе барање за поведување прекршочна пријава за правното лице но и за одговорното лице и го спречи натамошното нарушување односно создаде услови за заштита на граѓаните од бучава.

Согласно Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, оној што го нарушува мирот на други со пеење, користење на музички инструменти, радио и телевизиски апарати и други технички уреди, како и со механички извори на врева (мотор и слично), во периодот од 15,00 до 18,00 часот и по 23,00 часот до 06,00 часот наутро, полицијата ќе го спречи и ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност. За прекршокот, на правно лице ќе му се изрече глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност, а на одговорното лице во правното лице ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност. Глоба во износ од 500 до 800 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на трговец поединец кој врши угостителска дејност ако не преземе мерки да не дојде до извршување на прекршокот во неговиот угостителски објект.

Соодветни пријави против правните лица и одговорните лица ќе се поднесат и од надлежните инспекциски служби од локалната самоуправа.