Познатиот хрватски уметник Един Карамазов ќе настапи вечерва на „Охридско лето“. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Един Карамазов критичарите го вбројуваат во „највозбудливите и најхаризматичните лаутчии на денешницата“. Изведувач кој смело ги истражува крајните граници на двата инструмента што ги владее – гитарата и лаутата. Лаута студирал на Музичката академија „Скола канторум Базилиенсис“ („Schola Cantorum Basiliensis“) во Базел. Неговите фасцинантни настапи низ целиот свет, предизвикуваат воодушевувања кај публиката и кај критиката. Соработувал со голем број меѓународни оркестри и ансамбли, како: ансамблот „Хилијард“, камерниот оркестар „Орфеус“, ансамблот „Хесперион“, вокално-инструменталниот состав „Мала пуника“ и други. Во текот на својата кариера соработувал и со повеќе реномирани уметници, меѓу кои Андреас Шол, Ариана Савал, како и со познатиот британски рок музичар Стинг. Токму со овој последниов, во 2006 година снимил албум со класична музика, насловен „Songs from the Labyrinth“, кој постигнал огромен успех во светот. Добитник е на многубројни награди, меѓу кои престижната награда „Едисон“ во 2002 година, потоа наградата „Кубадиско“ за најдобар странски музичар на Куба, а номиниран бил и за наградите „Греми“ во 2001 година и за наградите „Брит“ во 2007 година. Карамазов е добитник и на неколку признанија. Голем број композитори (Кшиштоф Пендерецки, Арво Парт, Никита Кошкин, Лео Броуер и др.) напишале дела за гитара или за лаута, посветени токму на овој изведувач.
На вечерашниот репертоар ќе бидат:
– Питер Скулторп (1929 – 2014): „MARANOA LULLABY“ – Лео Брауер (1939): „EL DECAMERON NEGRO“ – Арво Парт (1935): „FÜR ALINA“ – Пауза – – Фернандо Сор (1778 – 1839): ИНТРОДУКЦИЈА И ВАРИЈАЦИИ НА ТЕМА ОД – Агустин Бариос (1885 – 1944): ВАЛЦЕРИ, Оп. 8 I. Vals de Primavera II. Vals Romantico III. Vals Brilliante – Астор Пјацола (1921 – 1992): „INVIERNO PORTEÑO“.