Денес во рамките на програмата за одбележување на „18-ти Август“ – Денот на АРМ, на Воениот стадион во Скопје, свечено беа отворени финалните спортски натпревари по повод Денот на АРМ. Финалните спортски натпревари ги отвори Заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија генерал-потполковник Насер Сејдини, кој на присутните им честита за покажаната желба и борба во текот на натпреварите. Генералот Сејдини во оваа прилика потенцираше дека спортот е значаен фактор во армиската обука и физичката подготвеност, но и во развивањето на натпреварувачкиот дух кој придонесува за подобро извршување на армиските борбени задачи. Во досегашните натпреварувања кои се одржаа во сите гарнизони на АРМ низ Републиката, учествуваа над 1500 припадници, а во финалните натпреварувања учество ќе земат околу 250 припадници на Армијата. Овие спортските натпревари традиционално се одржуваат секоја година во рамките на одбележување Денот на АРМ.
На најуспешната единица на свеченото постројување за Денот на Армијата, која оваа година ќе биде на 17-ти август ќе и се додели преоден пехар, а најуспешните екипи и спортисти ќе добијат пригодни награди.