Концерт на Дуке Бојаџиев утревечер на „Охридско лето“

Концерт за публиката на „Охридско лето“ ќе одржи светски познатиот музичар Дуке Бојаџиев, утревечер на Антички театар со почеток во 22 часот и 30 минути. Дуке Бојаџиев е композитор на филмска музика, музички продуцент и пијанист со живеалиште во Њу Јорк. Роден и растен во Македонија, Дуке почнал да свири пијано од мали нозе. Огледувајќи се на својот татко, кој успешно балансирал помеѓу двете кариери- музиката и медицината, Дуке завршува медицина истовремено негувајќи ја својата страст кон музиката. Неговата одлука професионално да се бави со музика го носи на Музичкиот колеџ Беркли во Бостон.

После дипломирањето во 2001, се сели во Њу Јорк и ја отпочнува својата музичка кариера. Меѓу неговите достигнувања се наоѓаат неговите соработки со режисерите добитници на Оскар- Џонатан Деми и Данис Танович, како и со кандидатот за Оскар- Столе Попов. Неговото музичко влијание се шири брзо низ разни подрачја- од глобални рекламни кампањи (како Peugeot, Mercedes, L’Oréal, Lancôme и Anna Sui), до ТВ-серии (меѓу кои Martha Stewart и Guiding Light). Дуке има објавено 7 албуми и неговото име се појавува на светски реномирани CD компилации (Buddha Bar XIV, Chill Out In Paris и Marrakech Express). Продуцирал ремикс за Синди Лопер и Блу Мен Груп и го усовршува својот инвентивен стил преку изведби со разни ансамбли во музичките сали низ Њу Јорк како: Carnegie Hall, Highline Ballroom, Cipriani Ballroom, The Box, Drom NYC, Art Basel во Мајами, The Avalon Theater во Лос Анџелес и на Фестивалот Охридско Лето.

Во неговата кариера, успешно соработува со разни артисти како: Телепоп Мјузик, Анџела Мекласки, Пол Кантелон, Д Ситизенс Бенд, Македонската Филхармонија, Ијан Бјукенен, Сузан Дејхим и уште многу други.