Победа на македонските одбојкари против Полска

Македонската одбојкарска репрезентација по втор пат успеа да ја совлада Полска по двомечот кој се играше вчера и денес во Полска во рамките од Групата А од Европската лига. Вчера Македонија успеа да победи со 3:2 додека пак денес со 3:1 во сетови. 

Првиот сет го доби домаќинот Полска со резултат 25:15. Веќе во вториот сет видовме далеку подобра игра на Македонија. Се играше поен-поен игра се до самиот крај од сетот кога Македонија успеа навреме да обезбеди предност и да го добие сетот со 23:25.

На почетокот од третиот сет борбата беше изедначена, но само за момент. Македонија ја презеде иницијативата и држеше предност од неколку поени, предност која ја одржуваа нашите одбојкари се до самиот крај на сетот кој го добивме со 19:25 за водство од 1:2 за Македонија во сетови.

Четвртиот сет беше исклучително значаен за нашата репрезентација. Полска водеше, но само на почетокот од сетот. Следуваше изедначена поен-поен игра, на моменти и два поени предност за Македонија. Неизвесноста траеше до самиот крај се до моментот кога Македонија дојде до 3 меч топки и успеа да го добие сетот со 22:25.

Дали Македонија ќе биде дел од фајнл-фор турнирот во Полска ќе се знае утре, а зависи од исходот на двомечот од Групата Б помеѓу Словенија и Грција.

WebOhrid