Уметничката Илина Арсова ги оживеа мртвите материјали

Давајќи им креативна димензија на веќе изумрените материјали, уметникот Илина Арсова преку нејзината излоѓба синоќа на „Охридско лето“ ја пренесе глобална порака за подигнување на еколошката свест кај народот- спас на планетата Земја и зачувување на природното и културно наследство на Охрид.

Авторката Арсова низ низа колажи и слики уште еднаш го покажа својот емотивен спој на природата и уметноста. Нејзините колажи се создавани во текот последните две години од разни отпадни материјали кои најчесто ги преплавуваат нашите подруми и тавани. Таа буквално го претвора целиот свој личен отпад во слика, користејќи го постоечките бои и текстури на текстил, пластика и хартија врз која дава свој потпис преку интервенција.

Ова е прва нејзина самостојна изложба откако дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје пред една деценија.