Успешен старт на црвено-жолтите на турнирот во Охрид

Македонската кошаркарска репрезетација ја забележа првата победа во рамките на подготовките за настап на Европското Првенство. На стартот на турнирот во Охрид во салата на СРЦ „Билјанини Извори“ нашиот национален тим славеше убедлива победа над Израел од 75-58.

Новиот селектор на нашата најдобра селекција имаше одлично деби на клупата на националниот тим, со солидна игра посебно за овој период од подготовките во Охрид е совладан секогаш незгодниот Израел со 75-58.

Само на стартот на мечот Израел имаше позитива, Израел поведе со 8-0, но потоа следуваше серија на избраниците на Србиновски за водство од 9-8. Во ист ритам нашите кошаркари ги одиграа и вторите десет минути и на полувреме заминавме со предност од 38-31.

Клучната предност за конечниот триумф црвено жолтите ја прават на стартот на третата делница кога стигнавме и до позитива од 16 поени.

На почетокот на последниот период Израел со агресивна игра се обиде да на неутрализира предноста на Македонија, нашиот тим со поени на Младеновски од линијата за слободни фрлања и со прецизен шут од далечина не дозволи резултатски пресврт и на крајот сосема заслужено стигнавме до убедлива победа од 75-58.

Најпрецизни во редовите на Македонија се Костовски со 14 и Илиевски, Самарџиски и Дамјан Стојановски со по девет поени. Солидно одиграа и Војдан Стојановски и младиот Младеновски кој постигнаа по 8 кош.

На вечерешната средба селекторот Србиновски играше со сите 12 кошаркари, без поени останаа само Дарко Соколов и Марко Симоновски.

Денес нашата репрезентација ќе го одигра и вториот меч на турнирот во Охрид, а противник ќе ни биде селекцијата на Украина.

Дуелот во салата „Билјанини извори“ започнува во 20 часот и 15 минути.