Балетската претстава „5 до 12 “ ќе биде изведена утревечер на сцената Долни Сарај со почеток во 21 часот, во рамките на фестивалот „Охридско лето“. Како што појаснува селекторот на музичкиот дел на фестивалот „Охридско лето“, Гордана Јосифова-Неделковска, на фестивалскиот репертоар, покрај богатата програма од музичкиот и театарскиот дел, има и едно исклучително атрактивно балетско дело кое ќе привлече огромен интерес кај фестивалската публика, а тоа, според неа, се гледа и од побарувачката на билети за утрешната балетска претстава.
„Ако минатата година имавме прекрасно доживување после балетот „14 часа“ и ако ова балетско дело извонредно ја претставуваше Македонија и на сцените во Виена, Рим и Париз, а од декември веќе трета сезона е на редовниот репертоар на Македонската опера и балет, повеќе од сигурно е дека тимот кој стоеше зад оваа претстава е квалитетен. Годинава во истиот состав, нашиот почитуван македонски кореограф Игор Киров со музика на Кирил Џајковски и костимографија на Александар Ношпал, уште едно ново балетско претставување на делото „5 до 12“. Овие три „аса“ на македонската сцена веќе имаа можност ова балетско дело да го изведат на сцената на Сплитскиот фестивал во соработка со ХНК од Сплит, Хрватска“, вели Јосифова-Неделковска.
Според неа, она што е важно за фестивалот но и за Македонија е тоа што фестивалот „Охридско лето“ воспостави поинтензивна соработка со ХНК од Сплит со тоа што следната година едно македонско балетско дело ќе биде на репертоарот на Сплитскиот фестивал.
„Со ова фестивалот „Охридско лето“ ја дава можноста да биде домаќин на врвни балетски остварувања од странски изведувачи, но исто така и нашите балетски уметници да имаат можност да бидат дел од други меѓународни сцени. За она што се случуваше на 7 август во Сплит можам да кажам дека ги пролистав сите рецензии и критики и верувајте дека сите се во суперлатив со блескави зборови ја опишуваат претставата „5 до 12“. Со стоечки овации, со извикување „браво“, сите рецензии кажуваат дека ова е едно исклучително балетско остварување. Длабоко верувам дека така, а можеби и уште поубаво ќе биде и кај нас на прекрасната сцена на Долни Сарај, на 12 август со почеток во 21 часот“, истакна селекторот на музичката програма на „Охридско лето“ Гордана Јосифова-Неделковска. Таа додава дека приказната што ќе биде доловена утревечер преку балетската игра е многу интересна.
„На сцената се наоѓаат магични коцки, а коцката претставува како животот понекогаш се третира, како коцка која се врти и превртува и ја пренесува пораката како честопати многу одлуки во животот ги донесуваме во 5 до 12, а многу пати и во 12 и 5, а при тоа секогаш треба да бидеме подготвени за тоа“, вели Јосифова-Неделковска.
Според кореографот на „5 до 12“ Игор Киров, да се живее во време каде што секогаш коцките се фрлаат или паѓаат токму во 5 до 12, понекогаш и во пет после 12, значи дека човекот секогаш треба да биде поготвен на се’.
„Секогаш сакам публиката сама да влезе во мојот свет и гледачите самите да се пронајдат во тоа што ќе го видат. Па така ќе биде и овојпат, во ова мое ново апстрактно видување на една нова боја од мојот живот, живот на коцки исполнет со бои прелеани со енергија, раздвижени со музика и изиграни со љубов. Животот е коцка која се врти и превртува, а откако ќе падне самите ние одлучуваме дали ќе го прифатиме исходот или не. Да се живее во време каде што секогаш коцките се фрлаат или паѓаат токму во 5 до 12, понекогаш и во пет после 12, значи дека секогаш треба да сме спремни на се. Токму така е и овојпат , во овој мој свет на коцки и бои,“ вели Киров.
За тоа како претставата која првично носела поинаков наслов, го добила името „5 до 12“, тој вели:
„На денот пред премиерата која се играше во Сплит на сцена каква што е Долни Сарај, врнеше и дуваше силно. На денот на премиерата цело време имаше сонце, а кон 17 часот почна да дува и да врне. Во 21 часот публиката почна да влегува со чадори. Директорот на Балетот ХНК Динко излезе на сцената и го најави почетокот. Само што го најави тоа, небото се затвори и дождот претстава. Значи до 5 до 12 не се знаеше дали ќе се одржи претставата“, раскажува Киров. Динко Богданиќ, директор на Балет ХНК од Сплит изрази надеж дека соработката со Киров и со македонските автори и уметници ќе продолжи и во иднина.
„За името на Киров слушна во Германија. Неговата работа ја започнав во Белград кога стапивме во контакт. Тогаш тој доби награда а јас бев член на жирото. Реков дека еден ден кога повторно ќе бидам директор на Балетот ХНК ќе го повикам, а тоа и се случи. Првпат се случува еден македонски кореограф да работи кореографија во Сплит и во Хрватска. Киров го проби мразот со работата која траеше седум недели и се работеше напорно. Моите играчи се класични играчи, но сакав тие да имаат едно фанстастично современо движење кое е работено за нив. Остануваме отворени за натамошна соработка“, вели Богданиќ.
Во балетот „5 до12“, костимите што ги изработи Александар Ношпал содржат орнаменти од македонскиот фолклор кој преку интернационалните учества на кореографот Игор Киров, се презентира надвор од границите на Македонија.