Изградбата на трите автопати се одвива според предвидената динамика. Имаше сосема мал застој поради лошите временски услови, но тој е надоместен. Ова го истакна премиерот Никола Груевски во одговор на новинарско прашање по увидот во градежните работи за реконструкција на железничката станица во Прилеп.
„Во Македонија во моментов се градат три автопатишта и имаме добар прогрес кај сите. На автопатот Скопје – Штип пробиено е 90 отсто од трасата, кај автопатот Демир Капија – Смоквица има прогрес 57 отсто, а на автопатот Кичево – Охрид пробиено е 37 отсто од трасата,“ изјави премиерот Груевски.
Тој посочи дека се работи со полна пареа на трите автопати и оти за нивна изградба се ангажирани 2.220 работници.
„Изградбата на автопатите има и голема и важна компонента за домашната економија преку ангажманот на локалните компании подизведувачи. Воедно, ќе има и голема компонента и кога ќе бидат завршени во делот на економскиот развој,“ потенцира Груевски.