Месецот на кошарката во Охрид продолжува со ЕП за кошаркарки до 16 години

Од утре 13 до 23 август „Месецот на кошарката“ во Охрид продолжува со најголемиот спортски настан за оваа година во Охрид Европското првенство дивизија Б за кошаркарки до 16 години. На првенството ќе учествуваат 20 селекции кои ќе бидат поделени во четири групи од кои две групи А и Б ќе се играат во Спортската Арена „Билјанини Извори“ додека групите Ц и Д ќе се играат во Струга во Спортската сала „Тими“.

Во првата фаза, која трае во период од 13-ти до 17-ти Август, репрезентациите ќе ја одиграат првата рунда на шампионатот, натпреварите по групи.

Во оваа фаза ќе се играат дневно по четири натпревари и во Охрид и во Струга, со термини од 14:15 часот, 16:30, 18:45 и 21:00 часот.

По крајот на првата фаза ќе бидат формирани нови пет групи. Во групите Е и Ф ќе играат двете најдобри селекции од секоја од четирите групи од првата фаза, групите Г и Х ќе бидат составени од трето и четвртопласираите селекции од првата рунда ,а во групата И ќе играат последно пласираните репрезентации од првата рунда.

Трите најдобри селекции на ЕП во Охрид и Струга обезбедуваат пласман во елитната А дивизија.

ЈП „Билјанини Извори“ ги поканува сте љубители на кошарката и спортот да присуствуваат на натпреварите во Спортската Арена „Билјанини Извори“.