Меѓународна промоција на културното наследство на Република Македонија

Македонското културно наследство во ноември годинава ќе биде претставено на два исклучително значајни меѓународни настани во Италија и во Франција …

По успешното претставување на меѓународната манифестација Берза за археолошки туризам во Пестум, Италија, во тек се активностите за повторно претставување на Република Македонија на овој значаен настан. Во ноември 2014 година нашата земја за прв пат на овој саем беше преставена преку Управата за заштита на културното наследство. Берзата е меѓународен настан во кој Италија и други земји, гости од цел свет, ги претставуваат своите културни богатства преку различни активности, разменувајќи искуства и презентирајќи ги најпознатите археолошки наоѓалишта, сакрални споменици и природни богатства. Според податоците на организаторите, минатата година биле евидентирани 10 000 посетители, вкупно 130 изложувачи од 25 странски земји, 50 конференции и состаноци, 300 предавачи, 100 новинари и претставници од UNWTO, UNESKO и ICCROM. На крајот од годинава, културното наследство за прв пат ќе биде претставено и на Меѓународниот саем за културно наследство во Париз, Франција, кој ги обединува професионалците од областа на реконструкцијата и заштитата на материјалното и нематеријалното културно наследство. Саемот се одржува во престижниот амбиент на „Carrousel du Louvre“ и претставува настан од суштинско значење како збирно место за припадниците на секторот за културно наследство уште од 1994 година.