Големиот копродукциски проект „Кирил и Методиј, Who are you?!“ вечерва ќе ја доживее праизведбата на „Охридско лето“

Во рамки на фестивалот „Охридско лето“ вечерва со почеток во 21 часот на сцената Долни сарај ќе се одигра праизведбата на театарската претстава „Кирил и Методиј, Who are you?!“ Станува збор за претставата „Кирил и Методиј, who are you“ на текст од Јордан Плевнеш, а во режија на Мартин Кочовски.

„Се работи за голема копродукција на „Охридско лето“, за различни фестивали и театарски продукции коишто ќе го поддржат овој проект за кој се предвидува големо интернационално патешествие.Учествуваат театарски екипи од Македонија, Полска, Бугарија и Грција“, најави Јолевски, кој е дел од актерската екипа на оваа претстава и според кого публиката нема да види класична изведба на животописот на Свети Кирил и Методиј.

Претставата која што треба да ги исползува сите историски и релевантни документи, треба да одговори на капиталното прашање: „Кои се, всушност, браќата Кирил и Методиј, заштитниците на Европа?“ Прашањето е зошто и по 1.100 години овие двајца светители по силината на својот дух и натаму се отворена мистерија за целата светска и научна јавност, поради нивната филозофија наречена: Цивилизација на Љубовта и Носталгија по единството. Претставата започнува со една мистериозна средба во која висок претставник на една мултинационална компанија, Вилијам Браун, бара средба со Кирил Белогорски, којшто во списоците на американските тајни служби е забележан како експерт за Кирил и Методиј и нивното влијание во целиот словенски свет. Кирил Белогорски за исклучително висока сума пари треба да подготви 15-минутен документарен филм, којшто ќе одговори на многу прашања. Светлата трага на светите браќа е културолошка вредност на словенската цивилизација, а нивниот космополитски код и национален идентитет е препознаен во ликот на Македонија и на македонскиот народ, како суштествување во историјата на цивилизациите и на човештвото воопшто. Режисерот Mартин Кочовски е роден во Битола 1977 година. Дипломирал театарска режија на „Новиот бугарски универзитет“ во Софија, Р. Бугарија и оттогаш режирал во македонски и во бугарските театри. Автор е на интернационални интердисциплинарни проекти, како „Казабланка“ и „Сè за мајка ми“, кои ја истражуваат врската меѓу театарот и филмот.