Од недела започнува Школата за млади лидери во Охрид

Шеста Школа на млади лидери, по иницијатива на претседателот Ѓорѓе Иванов ќе се одржи во Охрид од 16-ти  до 28-ми август. На школата за млади лидери ќе има вкупно 44 учесници и околу 20 предавачи од Македонија, Европа, САД, Израел и Мароко.

„Преку Школата за млади лидери на претседателот Иванов, сакаме да ги мотивираме младите да ја развиваат својата визија како идни трансформациски лидери на Република Македонија. Визијата на еден трансформациски лидер дава насока, фокус, цел и просперитет. Во Македонија имаме прекрасни млади луѓе кои се добро едуцирани, кои ја сакаат Македонија и сакаат со својот потенцијал и искуство да направат позитивни промени во општеството. Школата за млади лидери на претседателот Иванов е одлична платформа за нивниот почеток за еден таков одговорен и лидерски предизвик. Преку програмата на оваa школа сакаме да мотивираме создавање на „големи“ лидери кои ќе ја инспирираат големината кај другите“, вели Гордица Каранфиловска, раководител на проектот, пренесува МИА.

Меѓу предавачите на шестата по ред Школа за млади лидери се поранешниот потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија Франко Фратини, поранешниот бугарски претседател Петар Стојанов, директорот на Кралскиот институт за меѓународни односи од Белгија Марк Оте, членот на Извршниот комитет на Трилатералната Комисија и претседател на организацијата „East West Bridge“ Јован Ковачич, директорот на Европскиот институт на Фондот за Американски студии, Метју Квасиборски, како и генералниот директор на Исламската образовно, научна и културна организација „ИСЕКО“ Абдулазиз Отман. Предавања на школата ќе одржат и други истакнати поединци, успешни лидери на компании и претставници на етаблирани институции од Македонија, Холандија, Србија, Турција и други земји.

Годинава на школата учествуваат и тројца претставници од организацијата за социјална одговорност „SosyalBen“ од Турција.